Култура

„Звукот на идната генерација“ – концерт на млади музички таленти со Македонската филхармонија

09.06.2026 09:58

Студенти од државните факултети за музика ќе настапат како солисти на концертот „Звукот на идната генерација“, што ќе се одржи в четврток во Македонската филхармонија. Под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски, младите музичари ќе изведат дела од познати светски композитори.

Македонската филхармонија в четврток од 20 часот ќе го одржи концертот „Звукот на идната генерација“, на кој како солисти ќе настапат студенти од државните факултети за музика.

Со оркестарот ќе диригира маестро Сашо Татарчевски, а публиката ќе има можност да ги слушне младите музичари Итан Георгиев на контрабас, Кирил Тасев на флејта, Христијана Матеска на хармоника, Кристијан Колев на кларинет, Бојана Митковска на виолина, како и пијанистите Михаил Јагуриноски и Давид Павиќ.

На програмата се дела од Кусевицки, Девиен, Бете Илин, Шо, Петар Илич Чајковски, Камил Сен-Санс и Сергеј Рахмањинов.

Концертот има за цел да ги промовира младите музички таленти и да им овозможи настап со националниот симфониски оркестар, претставувајќи ја новата генерација уметници на македонската музичка сцена.