Собрание

Гаши со отчет за сработеното

08.06.2026 17:31

Собранискиот спикер, Африм Гаши, со отчет за сработеното. Во законодавниот дом го презентираше извештајот за двегодишната работа.

Во изминативе две години одржани се 196 собраниски седници и усвоени се 710 законски акти. Гаши потенцираше дека помалиот број на седници во споредба со минатиот мандат е резултат на консолидација на агендата и избегнување на прекинати седници, со што е зголемена процедуралната ефикасност. Во извештајот за неговата двегодишна работа нотирани се 29 седници посветени на пратеничките прашања, интерпелации 13. На меѓународен план, Собранието забележало 212 билатерални и 48 мултилатерални активности.

„Собранието е срцето на демократското одлучување. Тоа е местото каде што се судираат аргументите, каде што се градат компромиси и каде што се артикулира волјата на граѓаните. Поради тоа, во текот на овие две години се обидував секој ангажман да биде, пред сè, во функција на зајакнување на улогата на Собранието како централен институт на нашата демократија“, изјави претседателот на Собранието, Гаши.

По најавите за блокирање на законот за правична застапеност на заедниците Претседателот на законодавниот дом ги повика сите пратеници да покажат конструктивност и заеднички да работат во насока на донесување на подобар закон. Времето е тест за секој закон, ако има потреба ќе го дополниме, но важно е да постои – вели Гаши.

„Јас ги повикувам сите пратеници да работиме заедно за подобар закон, не за блокада, тоа не е начин како би дошле до посакуваната цел, но сепак, пратениците, вклучувајќи ги и опозициските, можат да ги употребат сите легитимни алатки кои ги имаат на располагање“, нагласи Гаши.

Предлогот на Законот за соодветна и правична застапеност во прво читање е ставен на дневен ред на 104. седница на Собранието, в среда, на 10 јуни.

Марина Стојанова-Тонева