Култура

Ќе се вработуваат и обучуваат петмина инспектори

08.06.2026 18:00

Неколку значајни објекти од културата треба да бидат завршени до крајот на годината, а министерството располага со поголем буџет за разлика од минатите години. Оптимизмот за подобри резултати на министерот Љутков го темели и на сеопфатната стратегија која е приспособена на реалните состојби кај нас.

Инспекторатот за македонски јазик конечно ќе профункционира. Во тек е постапка за вработување на петмина инспектори, но на терен ќе излезат откако ќе поминат едногодишна обука и ќе полагаат за лиценца. Оттаму велат дека бројката не е доволна за покривање на целата држава, но ја оценуваат како важен почеток за посериозна контрола на спроведувањето на законот за употреба на македонскиот јазик.
Првичните проверки покажуваат дека голем дел од институциите немаат вработено лектори, иако тоа е законска обврска.

„Некои од институциите, 50-ина, веќе ни доставија информации за тоа дали имаат вработено лектори, дали ги лекторираат своите документи, дали користат услуги од надворешни лектори и дали имаат предвидено работно место за лектор во нивната систематизација. Повеќето од институциите одговорија дека во моментот немаат вработено лектор. Меѓутоа, охрабрувачки е тоа што повеќето од нив веќе прават измени во своите систематизации“, изјави Менче Андреева – директор на Инспекторат за македонски јазик.

Во меѓувреме владата треба да го избере новиот претседател на Советот за македонски јазик, кој од мај е без раководител по оставката на Симона Груевска.

„Утре на влада ќе се донесе одлука за нов претседател на советот за македонски јазик. Нема да ги коментирам, тоа се лични причини на претходната претседателка и не би ги коментирал“, изјави Зоран Љутков – министер за култура.

До крајот на годината се очекува да биде изработена и националната стратегија за туризам. Миистерот Љутков најавува реализација на повеќе капитални проекти – меѓу кои театарот во Струмица, реконструкција на поранешното кино „Партизан“ и реновирање на просториите на Националната установа „Џез оркестар“.

 

Андријана Ѓурческа