Блиски Исток

Трамп: Блиску сме до моќен договор со Иран

09.06.2026 08:29

Исламската револуционерна гарда ги запре нападите и предупреди за обновени акции доколку израелските одбранбени сили продолжат со воените операции во Либан. Израелскиот премиер Нетанјаху тврди дека борбата против Хезболах и Техеран сè уште не е завршена...

Тел Авив и Техеран предупредија дека се подготвени да почнат одмазднички напади доколку бидат одново испровоцирани. Исламската револуционерна гарда ги запре нападите и предупреди за обновени акции доколку израелските одбранбени сили продолжат со воените операции во Либан. Израелскиот премиер Нетанјаху тврди дека борбата против Хезболах и Техеран сè уште не е завршена. Претседателот Трамп вели дека САД и Иран се многу блиску до потпишување на многу моќен договор.

„Многу сме блиску до постигнување многу добар, силен, моќен договор. Ако одиме и ги бомбардираме, а можеме многу лесно да го направиме тоа ако сакаме, и поминеме уште две или три недели бомбардирајќи, нема да им остане ништо. Она што се покажа како многу моќна работа е блокадата. Блокадата се покажа како многу посилна од бомбардирањето. И тоа беше навистина комбинација. Нивната економија навистина страда и тие ќе склучат договор“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Обединетите нации ги осудуваат големите ескалации на Блискиот Исток, по израелските напади врз Бејрут и иранските напади врз Израел.

„Ги повикуваме сите актери да покажат максимална воздржаност од каква било акција што би можела дополнително да ја разгори веќе нестабилната ситуација. Ги повикуваме сите страни целосно да се придржуваат кон прекинот на огнот што заеднички го објавија Либан, Израел и САД изминатата недела и да избегнуваат какви било чекори што би можеле да ги поткопаат тековните дипломатски напори за постигнување траен мир“, изјави Фархан Хак, заменик-портпарол на ООН.

Во исто време, ЕУ одобри санкции против ирански поединци и субјекти вклучени во запирањето на транзитот низ Ормускиот Теснец.