Трамп најавува договор меѓу Израел и Иран
Иран и Израел, под влијание на САД, ги запреа напади, но се заканија со одмазда доколку бидат испровоцирани. Американскиот претседател вели дека договорот со Техеран е многу блиску и крај на војната е можен за два до три дена. Обединетите нации со осуда за големите ескалации на Блискиот Исток, ЕУ одобри санкции против ирански поединци и субјекти вклучени во запирањето на транзитот низ Ормускиот теснец.

По новата ескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран, двете страни покажуваат знаци на смирување на тензиите, но предупредија дека се подготвени за одмазднички напади доколку одново бидат испровоцирани. Претседателот Трамп објави дека преговорите со Техеран се во завршна фаза и дека договор за завршување на војната може да биде постигнат за два до три дена.
„Многу сме блиску до постигнување многу добар, силен, моќен договор. Ако одиме и ги бомбардираме, а можеме многу лесно да го направиме тоа ако сакаме, и поминеме уште две или три недели бомбардирајќи, нема да им остане ништо. Она што се покажа како многу моќна работа е блокадата. Блокадата се покажа како многу посилна од бомбардирањето. И тоа беше навистина комбинација. Нивната економија навистина страда и тие ќе склучат договор“, изјави Доналд Трамп - претседател на САД.
Шефот на Белата Куќа во телефонски разговор наводно го предупредил израелскиот премиер дека може да биде оставен сам во конфликтот со Исламската Република ако дополнително ги ескалира тензиите и не соработува. Властите во Техеран пак велат дека се подготвени за преговори но и за борба.
„Како што правев со децении, цврсто се залагам за нашето право да дејствуваме против нашите непријатели. Тоа го направивме и сега“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
„Доколку агресијата и непријателските акти продолжат, ќе бидат пречекани со уште посилен одговор“, изјави потполковник Ебрахим Золфагари- портпарол на Исламската гарда.
Обединетите нации со осуда за случувањата на Блискиот Исток, по израелските напади врз Бејрут и иранските напади врз Израел. Во исто време, ЕУ одобри санкции против ирански поединци и субјекти вклучени во запирањето на транзитот низ Ормускиот Теснец.
„Ги повикуваме сите актери да покажат максимална воздржаност од каква било акција што би можела дополнително да ја разгори веќе нестабилната ситуација. Ги повикуваме сите страни целосно да се придржуваат кон прекинот на огнот што заеднички го објавија Либан, Израел и САД изминатата недела и да избегнуваат какви било чекори што би можеле да ги поткопаат тековните дипломатски напори за постигнување траен мир“, изјави Фархан Хак – заменик-портпарол на ООН.
За американскиот воен хеликоптер „Апачи“ кој урна кај Ормускиот Проток, лидерот на САД рече дека пилотите се добро.
Маријана Димовска
