ДЗР

Ревизијата откри слабости во работењето на Албанскиот театар во Скопје

09.06.2026 20:03

Државниот завод за ревизија утврдил повеќе неправилности и слабости во финансиското и административното работење на Националната установа Албански театар – Скопје за 2024 година, при што се дадени 13 препораки за нивно надминување.

Ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на работењето на Националната установа Албански театар – Скопје за 2024 година покажала слабости во пописот на средствата, материјалната евиденција, управувањето со имотот и евидентирањето на работното време.

Утврдени се и недостатоци во деловодното работење, како и недонесување акт за утврдување на цените на билетите.

Во извештајот се посочуваат и прашања поврзани со користењето на недвижен и движен имот, функционирањето на Управниот одбор со недоволен број членови, судски постапки во тек и регулирањето на закупот на деловен простор.

Ревизорите укажуваат и на системска слабост во Законот за културата, односно недефинирани механизми за задолжително ангажирање даватели на услуги во реализацијата на годишните програми.