Општина Аеродром ќе доделува по 3.500 денари за секое прваче
Општина Аеродром и годинава ќе обезбеди еднократна парична помош од 3.500 денари за сите деца запишани во прво одделение во основните училишта на нејзина територија. Пријавувањето ќе трае од 15 јуни до 30 септември.

Општина Аеродром продолжува со мерките за поддршка на семејствата и оваа година ќе додели еднократна парична помош во износ од 3.500 денари за секое дете запишано во прво одделение во основно училиште на територијата на општината.
Правото на помошта ќе може да се оствари со поднесување барање во периодот од 15 јуни до 30 септември 2026 година. Родителите треба да достават потврда за запишан ученик во прво одделение, извод од матична книга на родените, лична карта или патна исправа со адреса на живеење во Општина Аеродром и фотокопија од трансакциска сметка.
Од Општина Аеродром посочуваат дека со оваа мерка продолжуваат да инвестираат во образованието и да им помагаат на семејствата во пресрет на новата учебна година.
