Добрососедство

Сиљановска- Давкова пред средбата во Софија: Довербата е клучна за подобри односи со Бугарија

09.06.2026 11:27

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова очекува на средбата со бугарската колешка да бидат отворени суштински прашања за односите меѓу двете земји, со акцент на градењето доверба и унапредувањето на соработката.

На средбата во Софија очекува да бидат отворени суштински прашања за односите меѓу двете земји. Претседателката Сиљановска-Давкова со својата колешка од соседна Бугарија, Јотова, сака да придонесат за градење на довербата и за унапредување на соработката. За „360 Степени“ таа вели ја гледа како продолжување на средбата во Ереван.

„Ја споменав неопходноста од мерки за градење доверба. Ако граѓаните не контактираат, ако во проекти заеднички не учествуваме … морам да кажам, тоа е единствениот начин за да можеме ние bona fide да се однесуваме. Да не се навредуваме, да не се повредуваме, да се обидеме да ги мериме зборовите“, изјави претседателката Сиљановска-Давкова.

Го поздравува нон-пејперот инициран од германскиот канцелар Мерц и францускиот претседател Макрон во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан, но според претседателката конечни оценки може да се дадат дури кога ќе има официјален документ. Сиљановска-Давкова посочува дека регионот со години се соочува со застој во евроинтеграциите, што придонело за нејасен однос на Европската унија, па е потребно вели, поголема предвидливост во процесот.

„Доколку во тој главниот пејпер – а се надевам дека ќе биде така – не препознаеме замена или супститут за членство, мислам дека ќе нè држи во кондиција и ќе ни го овозможува она што ќе нè прави послични на европските членки. Значи, на некој начин ќе биде европеизација во чекорење и заедно“, нагласува Сиљановска-Давкова.

Според претседателката, ова е сепак вториот чекор на реформирањето после првиот, Планот за раст.

Фиљана Кока