Сцена

Во Драмски театар утре промоција на книгата „Да живее Долна дупка“ од Коле Ангеловски

09.06.2026 12:00

Во рамки на одбележувањето на 80-годишнината на Драмски театар Скопје, утре во 19 часот ќе биде промовирана книгата „Да живее Долна дупка“ на истакнатиот македонски актер, режисер и драмски автор Коле Ангеловски.

Драмски театар Скопје утре ќе биде домаќин на промоцијата на книгата „Да живее Долна дупка“ од доајенот на македонската театарска и филмска уметност Коле Ангеловски. Настанот ќе се одржи со почеток во 19 часот, како дел од програмата за одбележување на 80 години од постоењето на театарот.

Публикацијата содржи четири комедии – „Да живее Долна дупка“, „Аферата ‘Рекет’“, „Аферата ‘Ладен шприцер’“ и „Птица со главата меѓу нозе“, напишани во последната деценија. Дел од нив веќе се поставени на сцените на македонските театри и обработуваат актуелни општествени теми преку сатира и хумор.

За книгата ќе говорат директорот на Драмски театар Роберт Вељановски, театарскиот критичар Тодор Кузманов, писателот и драматург Гоце Смилевски, актерите Благоја Чоревски и Ѓокица Лукаревски, како и приредувачот и уредник Свето Стаменов. Во рамки на промоцијата, актерите Жаклина Стевковска и Горан Наков ќе изведат фрагменти од претставата „Да живее Долна дупка“.

Од Драмски театар ги покануваат љубителите на театарот и културната јавност да присуствуваат на настанот и да се запознаат со најновото драмско творештво на Коле Ангеловски.