Свет

Дебата за војната во Украина во ООН

09.06.2026 14:02

Откако отвореното писмо со покана за средба Путин – Зеленски не вроди со плод, дебатата за војната во Украина се префрли во Обединетите нации. Москва го нарече писмото – несмасна провокација од Киев и обид на Зеленски со дипломатијата да прикрие очајната ситуација на фронтот. Украина ги обвини русите за воени злосторства.

Војната во Украина денес е посмртоносна од почетокот на целосната инвазија на руската федерација во 2022 година-оценија Обединетите нации. Канцеларијата на комесаријатот за човекови права сè уште ги проверува бројките за убиени речиси 16 илјади цивили, вклучувајќи 791 дете, се стравува дека вистинските бројки се поголеми.

„Не е предоцна повторно да се вклучиме во дијалог и преговори со добра волја. Долгорочната безбедност и стабилноста на Европа зависат од заеднички и инклузивни дипломатски напори за завршување на оваа војна. Како приоритет, го повторувам повикот на генералниот секретар за итен, целосен и безусловен прекин на огнот“, изјави Розмари Дикарло, заменик-генерален секретар на ООН за политички и мировни прашања.

Отвореното писмо на Зеленски со покана за средба до Путин, Москва го коментира како несмасна провокација на Киев и обид за прекин на какви било разговори за решавање на конфликтот.

„Под маската на повик за дијалог и надеж дека ќе го добие медиумскиот ефект што го сакаше, Зеленски само ги повторува сите закани и пропагандни клишеа. Ваквите бескрупулозни маневри, не само што не го приближуваат мирот, туку само ја потврдуваат неможноста на неонацистичката банда вкоренета во Киев да преговара“, Василиј Небензја, постојан претставник на Руска Федерација во Обединетите нации.

Украина ги обвини русите за воени злосторства и повика стратешките партнери итно да ја зголемат поддршката, особено во областа на воздушната одбрана.

„Каква срамота за оваа неславна руска армија и таканаречената агенција за спроведување на законот, кои не се ништо друго освен банда силувачи. Секоја древна орда варвари била почовечка од денешните руски војници. За украинците, овие злосторства, овие скандалозни злосторства не се нови, но тие сега се независно потврдени и официјално евидентирани од Обединетите нации“, изјавиАндриј Мелник, постојан претставник на Украина во Обединетите нации.

И двете страни јавуваат за нови напади во текот на ноќта. Руското министерство за одбрана соопшти дека пресретнале и уништиле 140 беспилотни летала во повеќе региони и над водите на Црно и Азовско море. Властите во Украина пак, информираат дека во воздушни напади врз источната Харковска област загинале четири лица, а околу 15 се повредени.

Катерина Бојаџиева