Судска забрана за штрајк во М-НАВ
Апелација ја потврди пресудата, се забранува најавениот штрајк на Синдикатот на контролорите на летање, велат од М-НАВ. Оттаму велат, штрајкот не произлегувал од заштитата на правото од работен однос, не била искористена можноста за медијација, а синдикатот немал правен легитимитет да организира штрајк.

Скопска Апелација ја одби жалбата на Самостојниот синдикат на контролорите на летање и ја потврди одлуката со која се забранува штрајкот, вели адвокатот на М-НАВ, Горан Николоски. Според него, судот ги прифатил аргументите дека штрајкот немал заштита на работнички права, без спроведена задолжителната постапка за посредување, но и без легитимитет.
Николоски додава дека одлуката отвора прашања и за претходни активности на Самостојниот синдикат на контролорите на летање.
Од М-НАВ оценуваат дека секоја идна синдикална активност мора да биде спроведена во согласност со Законот за работните односи и пропишаната постапка за посредување.
Претседателот на Синдикатот на контролорите на летање, Александар Тасевски, ги отфрла овие обвинувања како неосновани, и вели дека утре ќе свикаат прес-конференција.
Синдикалците лани планираа да штрајкуваат поради непрофесионалното однесување на директорите при вработувањата и внатрешните прераспределувања во Македонска навигација.
Борис Грујоски
