Култура

„Звуците на Македонија“ ќе одекнат на Школка: Концерт на студентите од ФМУ по повод 60-годишниот јубилеј

09.06.2026 18:11

Студентите од Факултетот за музичка уметност – Скопје в сабота (13 јуни) ќе одржат концерт „Звуците на Македонија“ на Школка во Градскиот парк. Преку изведби на македонски народни песни и инструментални композиции, младите музичари ќе го претстават богатото музичко наследство на земјава, во рамки на одбележувањето на 60 години од постоењето на Факултетот за музичка уметност.

Концертот „Звуците на Македонија“, во изведба на студентите по Оркестар на народни инструменти и традиционално пеење од Факултетот за музичка уметност – Скопје, ќе се одржи на 13 јуни со почеток во 13:30 часот на Школка во Градскиот парк.

Публиката ќе има можност да ужива во богата програма составена од македонски народни песни и инструментални изведби, преку кои младите уметници ќе го претстават богатството на македонската музичка традиција и културно наследство.

Настанот е дел од серијата концерти со кои Факултетот за музичка уметност ја одбележува својата јубилејна година – 60 години од своето постоење. Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам и е под покровителство на претседателката на Република Македонија.