Мицкоски: Блиску сме до одлука државата самостојно да ги реализира „Чебрен“ и „Галиште“
Новиот клинички центар да се гради на потегот од Спортскиот центар „Борис Трајковски“ кон поранешна Воена болница и со подземна врска да се поврзе со болницата „8 Септември“. Државата да стегне заби и сама да ги изгради „Чебрен“ и „Галиште“. Премиерот Мицкоски ги објаснува плановите за реализација на крупните капитални проекти за кои со години се зборува, без реализација. Тој сега е убеден дека оваа влада може да ги истурка инвестициите.

Со 1.5 милијарди евра Владата планира да ја гради хидроцентралата „Чебрен“ и „Галиште“, стратешки проект најавуван десетици години. Премиерот Мицкоски очекува камен темелникот да биде поставен идната година и ова вели ќе се оствари доколку успеат преговорите кои се во тек за формирање на синдикат од меѓународни финансиски институции. За шефот на Владата браната која би се изградила на Црна Река би имала клучна улога во обезбедување на резервоари со вода.
2027-та ќе биде клучна и за реализација на уште еден капитален и долгонајавуван проект, изградбата на Клиничкиот центар. Планот на Владата е тој да биде сместен на земјиштето пред базенот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. За да се поврзе со ГОБ „8 Септември“, поликлиниката Букурешт и ПЕТ центарот би се изградил и подземен премин. Шефот на Владата информираше дека претходница на проектот ќе биде завршување на процедурите за болниците во Штип, Тетово и Кичево.
Најдоцна до октомври годинава треба да се вози по делницата Извор – Врбјани дел од автопатот Кичево и Охрид. Согласно владините најави, автопатот кој се гради повеќе од 15 години официјално ќе биде пуштен во употреба во првите месеци од 2027-та. За Скопје-Блаце сите процедури се завршени, кој крајот на месецот почнува изградбата и на оваа клучна автопатска делница.
Викторија Милевска
