Кратово

Камените кукли со приватен „газда“- туристите плаќаат, институциите се судат

09.06.2026 18:44

Туристичката атракција „Камени кукли“ е под катанец. Граѓани и Општина Кратово информираа дека оваа природна реткост веќе подолг период е узурпирана од две лица. Во тек е и судска постапка. Екипа на Македонската телевизија го посети локалитетот, но наиде само на затворени врати.

Наместо слободен влез, заштитената природна реткост Камените кукли во кратовско, под катанец. Жители на Кратово, татко и ќерка, под здружението „Извор“, го узурпирале споменикот на природата. На „диво“ наплаќаат влезници од 10, 20, 30 евра на домашни и странски туристи, тврдејќи дека локалитетот е во нивна сопственост. За проблемот алармираа граѓани преку социјалните мрежи.

Општина Кратово од 2024 година започнала постапка поради долгогодишната бесправна и неоснована узурпираност. Случајот има и судска завршница во прв степен. Самопрогласените „газди“ се должни да го предадат локалитетот. Но, пресудата во моментов е на второстепена инстанца.

Локалитетот „Куклица“ е прогласен за споменик на природата со закон во 2008 година. Го посетуваат домашни и странски туристи.

Од полицијата информираат проблемите на локалитетот траат од 2024-та година. Евидентирани се пријави за случаи на насилничко однесување, заплашување на туристите со кучиња.

Елена Георгиевска