Ново рочиште во процесот против судијата Ристов
Во Кривичниот суд, ново рочиште во процесот против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, кому истражителите му најдоа 350 илјади евра, скриени во ѕидот во семејниот дом во Неготино. Тој се гони за прикривање на имотната состојба, но, тврди дека е невин.

Обвинителството ја почна доказната постапка против апелацискиот судија, Ѓоко Ристов. Во судницата пуштена снимка од претресот во семејната куќа во Неготино, каде што обвинителите најдоа 350 илјади евра зад кујнските плочки. 13 пакувања со 610 банкноти од 200 и 500 евра, сите спакувани во алуминиумска фолија за да се заштитат од глувци, а сумата рачно напишана на ливче. Аномалиите во градежните активности и разлики во лепакот на плочките, биле сомнителни за истражителите и го ископале ѕидот. На прашање кој ги ставил парите тука, таткото на Ристов рекол, можеби синот Ѓоко судијата, тој го користи овој простор. Еден од доказите беше и за кредит за стан во Охрид, поврзан со фирма на бизнисменот Љупчо Пецов, познат и како ѓаволот, за кого Ристов претходно одлучувал во судски постапки.
Одбраната побара присуство на вештакот кој ги изготвил наодите за биолошките траги и доказниот материјал, бидејќи според нив доказите се контаминирани и тоа ќе го докажат во постапката.
Парите во семејната куќа на апелациониот судија беа пронајдени откако претходно адвокатот Фехми Стафа беше фатен со 50 илјади евра за кои во истрагата рекол дека се на Ристов. Обвинителството пушти и снимки од кои средби на Стафа и Ристов во скопска апелација, а од безбедносните камери може да се забележи дека Стафа бил гостин и во домот на судијата.
Обвинетиот судија пред судот изјави дека не се чувствува за виновен по обвиненијата што му се ставаат на товар. Следното рочиште е закажано за следниот месец.
Андријана Ѓурческа
