Инфлација

Се следи состојбата со инфлацијата

09.06.2026 15:33

Откако Статистика измери повисока инфлација, од Владата велат дека состојбата внимателно се следи и ако треба ќе има мерки, освен кај алкохолот и цигарите. Опозицијата критикува дека се доцни зашто народот секојдневно осиромашува. Бизнисот бара поголем фокус на домашното производство.

Владата разгледува мерки кои ќе бидат во корист на граѓаните за справување со инфлацијата. Откако Статистика ги објави бројките според кои, инфлацијата во мај во однос на април е зголемена за 0,6 проценти, а во однос на истиот месец лани за 4,8, премиерот Мицкоски вели – зголемувањето најмногу се должи на поскапите транспортни услуги, алкохолот и никотинските производи кои нема да бидат опфатени со евентуални мерки. Просечната инфлација е под 4,5 во првиот квартал и е една од најниските во регионот според Владата.

Покрај влијанието на глобалната криза, инфлацијата си ја создаваме и сами преку високите царински стапки, велат од Комората на северозападна Македонија. Оттаму советуваат, домашното производство да се заштити, но да не се ограничи слободата на пазарот, бидејќи пониски цени може да се добијат со поголема конкуренција.

И додека Мицкоски вели дека првин ќе видат што ќе се случува месецов, а потоа ќе носат економски таргет-мерки за намалување на инфлацијата, опозицијата предупредува дека народот едвај врзува крај со крај зашто животот станува поскап.

 

Александра Велинова