Оружјето стивна, но ситуацијата на Блискиот Исток останува неизвесна
Оружјето стивна, прстот и натаму на чкрапалото. По најновата размена на ракетни удари и Тел Авив и Техеран предупредуваат дека ќе одговорат на каква било провокација. Трамп тврди – договорот со Иран е на дофат...

И покрај знаците за смирување на тензиите меѓу Израел и Иран, ситуацијата на Блискиот Исток останува неизвесна. Израелската војска изврши нови напади врз либанскиот град Тир, и покрај предупредувањата од Техеран дека ќе возврати доколку операциите во Либан продолжат. Тел Авив тврди дека дејствува поради прекршувања на договорот од страна на Хезболах, кој не е дел од прекинот на огнот.
„Со оглед на кршењето на договорот за прекин на огнот од страна на Хезболах и неговото таргетирање на израелскиот домашен фронт, Израелските одбранбени сили се принудени да дејствуваат енергично против нив“, изјави Авичај Адрае, портпарол на израелската војска.
Во меѓувреме, американскиот претседател Трамп го повика Нетанјаху да го почитува прекинот на огнот, оценувајќи дека договор со Иран би можел да биде постигнат за два до три дена.
„Многу сме блиску до постигнување многу добар, силен, моќен договор. Она што се покажа како многу моќна работа е блокадата. Нивната економија навистина страда и тие ќе склучат договор“, истакна американскиот претседател, Доналд Трамп.
Според медиумски извештаи, Трамп во телефонски разговор го предупредил Нетанјаху да не ги ескалира дополнително тензиите. Во Техеран, пак, порачуваат дека се подготвени и за преговори и за борба.
„Како што правев со децении, цврсто се залагам за нашето право да дејствуваме против нашите непријатели. Тоа го направивме и сега“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
„Доколку агресијата и непријателските акти продолжат, ќе бидат пречекани со уште посилен одговор“, порача потполковник Ебрахим Золфагари, портпарол на Исламската гарда
Обединетите нации ги повикаа сите страни на максимална воздржаност и почитување на прекинот на огнот, додека Европската Унија одобри нови санкции против ирански поединци и субјекти поврзани со запирањето на транзитот низ Ормускиот Теснец.
„Ги повикуваме сите страни целосно да се придржуваат кон прекинот на огнот што заеднички го објавија Либан, Израел и САД изминатата недела и да избегнуваат какви било чекори што би можеле да ги поткопаат тековните дипломатски напори за постигнување траен мир“, изјави Фархан Хак, заменик-портпарол на ООН.
За американскиот воен хеликоптер „Апачи“ кој се урна кај Ормускиот Проток, Трамп изјави дека пилотите се добро.
Бојана Крстевски
