САД го нападнаа Иран
САД и Иран разменија оган по соборувањето на американскиот воен хеликоптер „Апачи“ во близина на Ормускиот проток, за што Вашингтон го обвини Техеран и нареди одговор...

САД и Иран разменија оган по соборувањето на американскиот воен хеликоптер „Апачи“ во близина на Ормускиот проток, за што Вашингтон го обвини Техеран и нареди одговор. Погодени цели на иранската воздушна одбрана, станици за контрола на копнените зони и радарски локации за надзор.
„Мисијата е пропорционален одговор на неоправданата иранска агресија“, објави Централната команда на САД.
Техеран соопшти дека во нападите се погодени и два резервоари за вода, по што снабдувањето е привремено прекинато, по што следеа одмазднички удари врз американски цели во Бахреин и Јордан. Војската во Кувајт соопшти дека „пресретнува непријателски воздушни цели“. Иранскиот министер за надворешни работи, Арагчи, изјави дека ниту еден американски напад нема да остане „неодговорен“.
„Министерот за надворешни работи предупреди на каква било можна непријателска грешка во Персискиот Залив и рече: Ние претпочитаме дипломатија, но знаеме да зборуваме и на други јазици. Странските сили во близина на нашата територија се во постојан ризик поради човечки грешки или несреќи. Најдоброто решение е тие да го напуштат регионот“, објавија на Државната телевизија на Иран.
Администрацијата на Трамп и натаму верува дека нападите нема да ги попречат разговорите. Договор со Иран за нуклеарна програма може да биде постигнат „веќе следната недела“, вели потпретседателот Венс.
„Во моментов сме во позиција да постигнеме договор што е добар за САД и што се справува со иранската нуклеарна програма на долг рок, така што Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје. Многу сме блиску до таа цел. Договорот може да се случи следната недела, но може да се случи и за неколку месеци“, изјави Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.
Санкциите и иранската нуклеарна програма-теми на дискусија и во Советот за безбедност на ООН. Поделени ставови, несогласувања и обвинувања. За дипломатскиот ќорсокак, Кина прстот го впери во Вашингтон. Франција, пак, повика на „кредибилен и проверлив договор“ за да се спречи Иран да се стекне со нуклеарно оружје.
„Со повлекувањето на САД од нуклеарниот договор од 2015 година и двапати употреба на сила против Иран додека преговорите беа во тек, САД сериозно ги поткопаа дипломатските напори“, изјави Сун Леи, заменик-постојан претставник на Кина во ОН.
„Иран не ги исполнува своите обврски и не соработува со МААЕ, која не е во можност да потврди дека нуклеарната програма на Иран е исклучиво мирна. Потребен е кредибилен, робустен и проверлив договор за да се осигури дека Иран никогаш нема да развие нуклеарно оружје“, изјави Жером Бонафон, постојан претставник во Обединетите нации, Франција.
Ескалацијата доаѓа во момент на кревка безбедносна состојба на Блискиот Исток, додека дипломатските напори продолжуваат, но тензиите остануваат високи.
Бојана Крстевски
