САД и Иран со нова ескалација на тензиите по соборувањето на американски воен хеликоптер во Ормускиот проток
САД и Иран со нова ескалација на тензиите по соборувањето на американски воен хеликоптер во Ормускиот проток. Вашингтон издаде наредба за напад, Техеран возврати. Двете страни тврдат дека станува збор за одговор на агресија. И покрај нападите, САД велат дека дипломатскиот процес останува жив. Советот за безбедност на ОН длабоко поделен околу санкциите и нуклеарната програма на Техеран...

САД и Иран разменија оган по соборувањето на американскиот воен хеликоптер „Апачи“ во близина на Ормускиот проток, за што Вашингтон го обвини Техеран и нареди одговор. Во американските напади биле погодени цели на иранската воздушна одбрана, командни пунктови и радарски системи.
„Мисијата е пропорционален одговор на неоправданата иранска агресија“, објави Централната команда на САД.
Техеран соопшти дека во нападите биле оштетени и два резервоари за вода, по што снабдувањето е прекинато. Следуваа одмазднички удари врз американски цели во Бахреин и Јордан, додека Кувајт објави дека пресретнал непријателски воздушни цели. Шефот на иранската дипломатија Арагчи порача дека ниту еден американски напад нема да остане без одговор.
„Министерот за надворешни работи предупреди: „Ние претпочитаме дипломатија, но знаеме да зборуваме и на други јазици. Странските сили во близина на нашата територија се во постојан ризик. Најдоброто решение е тие да го напуштат регионот“, објавија на државната телевизија на Иран.
И покрај ескалацијата, администрацијата на Трамп смета дека дипломатскиот процес останува жив.
„Во позиција сме да постигнеме договор што е добар за САД и што долгорочно ќе гарантира дека Иран нема да има нуклеарно оружје. Многу сме блиску до таа цел. Договор може да има следната недела, но и за неколку месеци“, изјави Џеј Д. Венс, потпретседател на САД.
Иранската нуклеарна програма и санкциите тема и на седница на Советот за безбедност на ОН. Кина го обвини Вашингтон дека ги поткопал дипломатските напори, додека Франција бара построг пристап кон Техеран.
„Со повлекувањето на САД од нуклеарниот договор од 2015 година и двапати употреба на сила против Иран додека преговорите беа во тек, САД сериозно ги поткопаа дипломатските напори“, изјави Сун Леи, заменик-постојан претставник на Кина во ОН.
„Иран не ги исполнува своите обврски и не соработува целосно со МААЕ. Потребен е кредибилен и проверлив договор што ќе гарантира дека никогаш нема да развие нуклеарно оружје“, изјави Жером Бонафон, постојан претставник во Обединетите нации, Франција.
Ескалацијата доаѓа во момент на кревка безбедносна состојба на Блискиот Исток, додека дипломатските напори продолжуваат, но тензиите остануваат високи.
Бојана Крстевски
