Судиите и извршителите ќе ја зајакнуваат соработката
Оценката на првиот извршител е дека расте финансиската дисциплина и кај граѓаните, но проблематично е непостоењето законска можност за впишување работник што се враќа на работа, во Агенцијата за вработување како и наплатата на неговите придонеси...

Стотици илјади предмети што ги преземаа од судските фиоки им создаваат главоболки на извршителите. Првиот човек на Kомората тврди дека причина за тоа е што граѓаните погрешно сметаат дека по десет години е застарен налогот. Но, и покрај тоа годишно се извршуваат стотици илјади предмети.
„Уплатата е исто нешто над 100 милиони евра на годишно ниво, тоа се пари кои се вратени во стопанството, на граѓаните. Тоа не се пари кои ги заработуваат извршителите, тоа е наплатен долг“, изјави претседателот на Комората на извршители, Зоран Петровски.
Оценката на првиот извршител е дека расте финансиската дисциплина и кај граѓаните, но проблематично е непостоењето законска можност за впишување работник што се враќа на работа, во Агенцијата за вработување како и наплатата на неговите придонеси. Заради тоа огромни суми пари лежат на сметките на извршителите. Некои од проблемите наметнаа потреба Комората со Академијата да потпишат меморандум за заеднички обуки со судиите и јавните обвинители.
„Во дел од обуките ќе ги поканиме и извршителите за да се разгледаат можните кривични аспекти во постапувањето на извршувањето, како и можните злоупотреби на службените овластувања“, изјави директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска.
Откако доби повеќе ингеренции, Комората го растоварува судскиот буџет. Сама плаќа за канцеларии и трошоци за превоз. Вработува 500 луѓе во канцелариите низ земјава.
Фиљана Кока
