За две години треба да заврши изградбата на втората делница од пругата кон Бугарија
Најдоцна до октомври 2028 година треба да заврши изградбата на втората делница од пругата кон Бугарија. Станува збор за делница од Бељаковце до Крива Паланка. Увид во работите на терен извршија вицепремиерот и министер за транспорт и врски Николоски и директорот на железници, Ивановски. Проектот треба да ја доближи земјава до источниот сосед, поттикне европската трговска размена …

Интензивно се работи на изградбата на пругата кон источниот сосед. Завршени се 36 отсто од работите на втората делница Бељаковце-Крива Паланка, констатираа по увидот министерот за транспорт и врски и директорот на железници, нагласувајќи дека оваа активност ќе заврши најдоцна до октомври 2028-та година. Проектот предвидува 29 мостови, 15 тунели, во должина од 34 километри. Возот за прв пат би требало да застане во Ранковце, Кратово и Гиновце.
„Имајќи ја предвид конфигурацијата на теренот ова треба да биде железница која ќе оперира со 100 до 120 километри на час што во вакви комплицирани услови е навистина одлична брзина. Овие мостови се инженерско чудо затоа што мостот којшто е десно од нас столбовите се во висина до 45 метри а највисок столб што се гради е цели 61 метар“, истакна министерот за транспорт и врски, Николоски.
Проектот се реализира со поддршка на ЕУ и двете инвестициски банки.
„Бележиме зголемен интензитет оваа пролет па и ова лето верувам дека тоа ќе продолжи само ќе се зголемува и верувам дека со посветена работа на самиот изведувач, морам да потенцирам дека од 150 луѓе за кусо време стигна до 400 лица, зголемен капацитет и тоа самото по себе би требало да даде поголем придонес“, нагласи директорот на МЖ Ивановски.
Во моментов е распишан тендер за избор на фирма надзор за третата делница, а во следните седмици би требало да се објави и за фирма изведувач. Вкупно проектот чини 810 милиони евра.
На проектот се гледа како значајна капитална инвестиција, дел од коридор 8 која Македонија ќе ја поврзе со источниот сосед, Црното море и ќе придонесе за европската трговска размена.
Елена Георгиевска
