Стразбур

Европскиот парламент подготвува строги сослушувања за новоназначените комесари

22.09.2014 16:21

Европскиот парламент наголемо се подготвува за усниот испит на новоназначените европски комесари, повеќе европратеници најавија дека испитот ќе биде „тежок“ и строг. Проблематични се неколку еврокомесари, британскиот, шпанскиот, малтешкиот, унгарскиот и словенечкиот, можни се нивни отповикувања или ротациии на ресорите.

Сослушувањата ќе биде со цел да се проверат како нивните познавања во назначениот ресор, нивната етика и пред се програмата која ќе ја спроведуваат во однос на обврските кои ги презеде претседателот на Комисијата Жан-Клод Јункер.

Претседателот на групата на Европските Народни партии Манфред Вебер предупреди:

„Секој од комесарите ќе биде солсушан и ќе треба да ги извади сите карти на маса“, и тие треба да „земат во предвид дека се работи за значаен усен испит, кој е вистински испит од наша страна“, рече претседателот на најголемата политичка група во ЕП.

Претседателот на групата на социјалистите и демократите во ЕП. Италијанецот Џани Питела ги спомена комесарите кои се спорни за неговата група.

„Комесарот кој не загрижува најмногу е унгарскиот кандидат, бидејќи е од политичка формација која е блиска до премиерот Орбан и пред се поради неговата хипер-либерална политика. Потоа шпанскиот кандидатура на Ариас Кањете и кандидатурата на лордот Хил, кој е задолжен за финасиките прашања, а тука е и кандидатурата од Словенија“, рече Џани Питела, претседател на социјалистите и деморатите во ЕП.

Кандидатурата на Аленка Братушек за заменик претседател на Комисијата задолжена за Енергетската унија е проблематична за социјалистите, кои се сомневаат дека таа се „самоназначи“ пред да го напушти премиерското место по недовербата од нејзината партија.

Истите комесари се проблематични и за групата на Зелените.

„Да му се даде контролата на регулацијата на финансискиот пазар на кандидат од Обединетото кралство Џонатан Хил е несоодветно“ рече Филип Лаберт, копретседател на Зелените.

Дирекцијата за информации на ЕП детално ја објасни оваа значајна процедура во европскиот законодавен дом. Сослушувањата започнуваат на 29 септември во надлежните комисии и ќе траат се до 7 октомври.

Ако го поминат испитот, целата Европска комисија ќе биде одобрена од Европскиот парламент на 22 октомври во Стразбур на пленараната сесија, тогаш ќе биде потребно просто мнозинство од сите европратеници кои ќе земат учество гласањето.

Според најавите на европратениците, сослушувањата ќе бидат возбудливи. Во минатото се случувало да бидат заменети ресорите на назначените комесари во текот на процедурата на сослушување, па дури и да бидат заменети со други од нивната матична земја.

За МТВ од Стразбур Тони Гламчевски