Собрание

Интерпелација за Трипуновски во Собранието

10.06.2026 17:01

Во Собранието, расправа за интерпелацијата за министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, поднесена од СДСМ. Според опозицијата, наместо политики за развој на земјоделството, повисоки субвенции и нови мерки за поддршка, за две години Трипуновски го доведе земјоделството до колапс.

Поранешниот и актуелниот министер за земјоделство од собраниската говорница со меѓусебни обвинувања кој повеќе му нанел штета на аграрот.

Неисплатени субвенции, долгови кон земјоделците – СДСМ бара оставка од ресорниот министер Цветан Трипуносвки. Во интерпелацијата стои дека за две години субвенциите се намалени за 40 милиони евра, нема поддршка за тутунарите, лозарите, оризопроизводителите. Во ресорот земјоделство има системска корупција, што е потврдено со апсења поради мито во случајот ИПАРД за што се води судски процес. А целата програма е суспендирана – велат од СДСМ.

„Не кажавте дека ќе ги намалите субвенциите за тутунот кои ние ги зголемивме на 100 денари и сега се намалуваат на 80. Туку велевте дека 160 ќе бидат. Има изјава кај што Цветан вика 160 ќе бидат само кога тутунарите ви требаа да дадат поддршка да седи во фотељата. Ги лажевте дека ќе бидат во март, па во април, во мај, во јуни. Зошто не им кажете дека нема пари, зошто не им кажавте дека и со две ипол милијарди евра немате политичка моќ во владата да обезбедите поддршка за земјоделците“, изјави Љупчо Николовски – пратеник од СДСМ.

Актуелниот министер за земјоделство ги отфрли обвинувањата на опозицијата. Според Трипуновски претходната влада на СДСМ за четири години не само што не исплаќала пари за поддршка на земјоделците туку и се задолжувала. Долгови кои актуелната власт сега ги враќа.

„Во 2019 година на Македонија се задолжува со 46 милиони евра пари од светска банка за модернизација во земјоделството. До 2024 година со преземањето на власта реализацијата на овој проект ви беше помалку од 10 проценти. Ги имате преспиено повеќе од четири години во министерството. Втор аргумент за вашето неработење Македонија е задолжена повеќе од 80 милиони евра во германска банка. Јас и вие кога правевме примопредавање во министерството ја немавте формирано ни проектната единица која треба да врши реализација спроведување на овие средства“, изјави Цветан Трипуновски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство

Освен интерпелацијата за министерот за земјоделство, опозицијата незадоволна и од работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, „Левица“ поднесе втора интерпелација за него. СДСМ пак бара одговорност и од собранискиот спикер Гаши.

Андријана Ѓурческа