САД и Иран втор ден разменуваат напади, Трамп се закани со нови
САД и Иран продолжија со меѓусебните напади. Трамп се закани со бомбардирање, ако Техеран не потпише договор. Иранските вооружени сили извршија ракетни напади врз американски позиции во Јордан …

Блискиот Исток одново под оган. САД утрово извршија нова рунда воздушни напади врз Иран, откако претседателот Трамп предупреди дека Техеран ќе плати висока цена за застојот во преговорите за трајно завршување на војната.
„Претседателот Трамп е подготвен да се врати и да се бори доколку е потребно, но му даде отворена рака на Иран за да го склучи овој договор. Ако треба да преговараме со бомби, ќе преговараме со бомби и сме многу добри во тоа. Никој не е подобар во светот“, изјави Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.
Како одговор, Иран почна серија напади насочени кон американските воени бази во Бахреин и Кувајт. Корпусот на Исламската револуционерна гарда соопшти дека истрелале балистички ракети кон американскиот команден центар во Јордан. Иранскиот претседател Пезешкијан порача дека Техеран нема да попушти под американски притисок.
„Секоја закана упатена од Трамп беше дочекана со силна шлаканица од наша страна. Докажавме дека од на 13 јуни 2025 година, одговоривме пропорционално на заканите. Одговоривме со поголема сила, поинтензивно и посилно“, истакна Аболфазл Шекарчи, портпарол на Иранските вооружени сили.
Советот за соработка во Заливот, ги осуди ирански воздушни напади и вели дека бруталната иранска агресија не создава стабилност ниту гради односи.
„Она на што Бахреин и братската држава Кувајт беа подложени, бруталната иранска агресија со беспилотни летала, е новата епизода во овој агресивен став. Ова е жестоко кршење на суверенитетот на земјите и одлуките за меѓународен легитимитет и е во спротивност со она што го бара нашата исламска вера, преку отфрлање на непријателствата и крвопролевањето“, изјави Абдулатиф бин Рашид Алзајани, министер за надворешни работи на Бахреин.
Демократите во Сенатот со критики за акциите на претседателот Трамп, Обединетите нации предупредија дека ескалацијата на нападите и реториката ризикуваат да го воведат Иран и регионот во целосна војна.
„Сите закани за националниот суверенитет и територијалниот интегритет се прекршувања на меѓународното право. Во исто време, ограничувањата на правата и слободите за навигација, во и околу Ормускиот теснец, предизвикуваат тешкотии и нестабилност низ светот“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.
Вашингтон инсистира на отворање на Ормускиот проток и Иран да нема нуклеарно оружје. Од друга страна, иранските власти тврдат дека нивната нуклеарна програма има мирољубив карактер и нема да се откажат од правото на научен и технолошки развој.
Маријана Димовска
