Продолжува растот: Градежништвото и понатаму двигател на економијата

22.09.2014 16:45

Лани во Македонија имало околу 4.300 активни градежни компании кои вработувале околу 45.000 работници...

Градежништвото и натаму останува глвен двигател на економијата. Се градат станови, патишта, капитални објекти. На терен е мобилизирана целата градежна оператива. Бројките на Стопанската комора покажуваат дека последниве години континуирано се зголемува учеството на градежништвото во БДП. Ако во 2008- тата учествувало со  4,  лани е зголемено на 7 проценти.

 

Градежништво-  учество во БДП 

2008                     4,9%

2009                     5,2%

2010                     5,6%

2011                     6,5%

2012                     6,8%

2013                     7,0%

 

Бизнисот очекува изградбата на регионални и локални патишта да го забрза протокот на стоки и услуги со што ќе има поголемо раздвижување на македонската економија, а ќе се привлечат и повеќе странски инвеститори.

„Започнати се активностите за проширување на патот Велес- Кадрифорово и веќе интензивно се работи на реконструкцијата на автопатот Велес- Скопје“, изјави Марија Петровска од Стопанската комора на Македонија.

Низ Македонија забрзано се градат нови и се реконструираат и стари патишта. Со новите проекти од Скопје до Штип наместо за саат и половина ќе се стигнува за половина час. Во полн ек работниците ја пробиваат и новцата делница Кичево- Охрид.

„И понатаму ќе останеме двигатели на македонската економија со оглед на тоа што се започнати најголемите инфраструктурни проекти во последниве 20 години, со оглед на тоа дека се работи на реконструкција и проширување на магистрални, регионални и локални патишта, а се градат и нови зони“, смета Сеад Кочан од Градежната комора на ССК.

Лани во Македонија имало околу 4.300 активни градежни компании кои вработувале околу 45.000 работници. Средните и големите компании вработуваат над 75% од градежниците, додека во формирање на БДП за градежништвото учествуваат со околу 90%.

 

Дијана Ценевска