Трамп најавува мировен договор

12.06.2026 08:42

САД и Иран на чекор до историски договор за ставање крај на војната-тврди американскиот претседател Доналд Трамп. Тој очекува документот да биде потпишан веќе викендов...

САД соопштија дека војната со Иран е завршена. Се очекува договорот меѓу двете земји да биде потпишан веќе викендов во Европа. Трамп вели дека иранскиот врховен лидер веќе дал согласност, а како клучен дел од спогодбата е Техеран да се откаже од нуклеарното оружје, по што Вашингтон би ја укинале блокадата и би овозможиле повторно отворање на Ормускиот Теснец. Тој тврди дека последните напади го натерале Иран да го прифати мировниот договор.

„Тоа ќе се случи наскоро, можеби уште овој викенд. Тие нема да имаат нуклеарно оружје. Нема да купуваат, развиваат или поседуваат нуклеарно оружје во каква било форма. Се согласија на тоа. Тоа е многу силен меморандум за разбирање кој е малку концептуален, но е нешто што ќе се спроведе“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Иранските власти сè уште не потврдуваат дека е постигнат конечен договор. Велат дека текстот е речиси целосно усогласен, но дека преговорите продолжуваат. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи за државниот сервис изјави дека посредниците остануваат активни, но ги обвини САД за недоследност во преговарачкиот процес.

„Во однос на текстот, можам да кажам дека тој е претежно финализиран. Проблемот е што противречностите во ставовите на Америка предизвикаа турбуленции во овој процес. Секогаш кога ќе дојдеме до заклучок што ги штити интересите на народот на Иран, јасно ќе го објавиме, но во овој момент сè уште немаме конечна одлука“, изјави Есмаил Багаи, портпарол на Министерството за надворешни работи на Иран.

Само неколку часа пред најавата за можен договор, Трамп се закани со нови напади врз Иран, вклучително и врз островот Харг и други делови од нафтената инфраструктура. Во меѓувреме, Европа со претпазлив оптимизам ги следи случувањата. Францускиот министер за надворешни работи оцени дека евентуалниот договор би можел да стави крај на кризата и најави дека Иран ќе биде една од главните теми на самитот на Г7 следната недела.

„Доколку е постигнат договор, тоа е многу добра вест што би можела да стави крај на една неодржлива ситуација која, на крајот, не создаде ништо освен губитници. Тоа би овозможило повторно отворање на Ормускиот Теснец и почеток на преговори за рамката на иранската нуклеарна програма“, изјави Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.

Во меѓувреме, стотици поддржувачи на иранската власт се собраа во центарот на Техеран, изразувајќи поддршка за раководството на земјата во екот на дипломатските напори за ставање крај на конфликтот со САД.

 

Бојана Крстевски