Воведот на СЕХА, одличен залет кон ЛШ
Најдобрите македонски ракометни клубови Металург и Вардар ги свртеа неколкуте загревачки кругови пред почетокот на главното боиште на коешто ќе го докажуваат квалитетот сезонава. По три недели тестирање на силите во новата сезона во СЕХА, се насочуваат кон европската елита. Веќе претстојниот викенд почнуваат со настапите во Лигата на шампионите.

Минатата европска сезона им ги подгреа страстите и амбициите, па големи им се очекувањата пред новите предизвици и пред соочувањата со ривалите од континентот. Регионалната СЕХА навидум ќе падне во втор план, што е и разбирливо со оглед на нивото и на значењето коишто ги има шампионската лига. Без оглед што во текот на есента главно ќе биде мегдан за одржување на формата и на интензитетот на работа меѓу два европски меча, сепак нема да може да се одбегне впечатокот дека и таква, сезонава е и ќе биде најмалку чекор погоре во споредба со претходните три. Според почетните неколку кола СЕХА годинава ќе биде изедначена, неизвесна и најважно, најсилна и најквалитетна досега. Двојниот освојувач Вардар нареди четири победи, а потклекна само пред новакот во друштвото, Веспрем. Моќникот од Унгарија заедно со „црвено-црните“ е еден од двата тима коишто досега го поразија Металург. Ваквото резултатско шаренило можеби ја доведува во прашање неприкосновеноста на нашите клубови во лигата на којашто некако се навикнавме, но подигнатото ниво, особено со вклучувањето на Веспрем, уште повеќе ја оправдува смислата на нејзиното постоење.
А ако петте екипи од неа коишто се дел од кремот, се покажат конкурентни и во Лигата на шампионите, имиџот на СЕХА ќе биде и уште подобар.