Блиски Исток

Трамп најавува договор со Иран, од Техеран сè уште не потврдуваат

12.06.2026 16:23

САД и Иран на чекор до историски договор за ставање крај на војната-тврди американскиот претседател Трамп. Очекува документот да биде потпишан викендов, но и покрај оптимизмот во Вашингтон, од Техеран велат – преговорите сè уште не се завршени. Во момент на спротивставени пораки, Европа претпазливо оценува дека евентуалниот договор би можел да ја стабилизира ситуацијата. Вестите за можен договор ги кренаа берзите, а цената на нафтата падна под 90 долари за барел – најниско ниво во последните два месеца. Во Техеран-собири за поддршка на властите.

САД тврдат дека војната со Иран е завршена, а мировниот договор би можел да биде потпишан веќе викендов во Европа. Трамп вели дека иранскиот врховен лидер дал зелено светло за спогодбата, со која Техеран треба да се откаже од нуклеарното оружје, а за возврат Вашингтон да ја укине блокадата и да го отвори Ормускиот Теснец. Според него, пресудни биле последните американски напади.

„Тоа ќе се случи наскоро, можеби уште овој викенд. Тие нема да имаат нуклеарно оружје. Нема да купуваат, развиваат или поседуваат нуклеарно оружје во каква било форма. Се согласија на тоа. Тоа е многу силен меморандум за разбирање кој е малку концептуален, но е нешто што ќе се спроведе“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Иранските власти сè уште не потврдуваат дека е постигнат конечен договор. Велат – текстот е речиси целосно усогласен, но преговорите продолжуваат. Шефот на иранската дипломатија за државниот сервис изјави дека посредниците остануваат активни, но ги обвини САД за недоследност во преговарачкиот процес.

„Во однос на текстот, можам да кажам дека тој е претежно финализиран. Проблемот е што противречностите во ставовите на Америка предизвикаа турбуленции во овој процес. Секогаш кога ќе дојдеме до заклучок што ги штити интересите на народот на Иран, јасно ќе го објавиме, но во овој момент сè уште немаме конечна одлука“, изјави Есмаил Багаи • портпарол на Министерството за надворешни работи на Иран

Само неколку часа пред најавата за можен договор, Трамп се закани со нови напади врз Иран, и нафтената инфраструктура, вклучително и врз островот Харг. Европа со претпазлив оптимизам ги следи случувањата. Франција оцени дека евентуалниот договор би можел да стави крај на кризата и најави дека Иран ќе биде една од главните теми на самитот на Г7 следната недела.

„Доколку е постигнат договор, тоа е многу добра вест што би можела да стави крај на една неодржлива ситуација која, на крајот, не создаде ништо освен губитници. Тоа би овозможило повторно отворање на Ормускиот Теснец и почеток на преговори за рамката на иранската нуклеарна програма“, изјави Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.

Веста за можен договор меѓу САД и Иран нагло ги крена берзите, и ја спушти цената на нафтата под границата од 90 долари за барел, што е најниско ниво во последните два месеци. Сепак, Светската банка предупредува на најслаб глобален економски раст од КОВИД-пандемијата наваму. За годинава прогнозира раст од 2,5 проценти, поради кризата на Блискиот Исток, високата инфлација и поскапувањето на енергенсите. Најпогодени се очекува да бидат сиромашните земји, за кои е најавена финансиска поддршка.

„Овој конфликт доаѓа во многу тежок период. Зад нас се шест години последователни шокови, а ова е уште еден. Фискалниот простор на владите е ограничен, инфлацијата и понатаму е проблем во многу земји и, севкупно, на владите им е сè потешко да одговорат на вакви кризи“, изјави Ајхан Косе, заменик-главен економист на Светска банка.

Во меѓувреме, стотици поддржувачи на иранската власт се собраа во центарот на Техеран, со поддршка за раководството на земјата во екот на дипломатските напори за ставање крај на војната.

Бојана Крстевски