„Кармина Бурана“ ќе испрати моќна порака за соработка и заедништво
Оркестарот на Филхармонија на 20 јуни, со почеток во 21 часот во Градскиот парк ќе ја изведе музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, која ќе биде моќна завршница на концертната сезона „Без Филтер“...

Оркестарот на Филхармонија на 20 јуни, со почеток во 21 часот во Градскиот парк ќе ја изведе музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, која ќе биде моќна завршница на концертната сезона „Без Филтер“. Во реализација на овој проект, покрај оркестарот на Филхармонија на РСМ, учествуваат музичари од Софиската филхармонија, Државниот симфониски оркестар од Солун, хорот на МОБ, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од Музичкото училиште од Солун. Диригент е маестро Најден Тодоров (Бугарија), кој беше иницијатор на овој проект кој прво се реализираше во Софија, потоа во Солун, и сега, на 20 јуни и пред публиката во Скопје. Како солисти ќе настапат нашата светски позната сопранистка Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и Иво Јорданов од Бугарија.
- На 20 јуни не очекува голем музички спектакл, ќе биде изведена грандиозната музичко-сценска кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, под отворено ѕвездено небо на нашиот традиционален завршен концерт. За нас претставува големо задоволство што по нејзината изведба во Софија и Солун, во Градскиот парк ќе одекне и пред домашната публика и на тој начин ќе се заокружи оваа значајна соработка меѓу трите балкански оркестри која ја потенцира моќта на музиката и културата која обединува и која не познава граници – вели Мустафа Имери, директор на Филхармонијата на РСМ.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, културата има најголема смисла тогаш кога излегува од салите и институциите и станува дел од секојдневниот живот на луѓето.
- Затоа, особено радува фактот што овој концерт ќе биде подарок за граѓаните. Бесплатен и достапен за сите. Големата уметност не треба да познава бариери, туку треба да допира до што повеќе луѓе. Убеден сум дека на 20 јуни ќе бидеме сведоци на вечер што долго време ќе остане во нашите сеќавања не само поради величествената музика на Орф, туку и поради тоа што сите заедно ќе бидеме обединети околу нешто што е убаво, возвишено и заедничко – истакна Љутков.
Тој воедно, кажа и дека овој настан има и посебна симболика за нашата земја.
За Симос Папанас, директор на Државната филхармонија од Солун главната идеја која ја поттикна реализацијата на овој проект беше да се изградат мостови на соработка меѓу балканските земји.
За сопранистката Ана Дурловски ова е исклучително важен проект, кој покажува дека музиката може да не обедини и да ги избрише физичките граници меѓу трите земји кои учествуваат во реализација на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“.
За концерт мајсторот Владимир Костов, овој концерт ќе биде уште една потврда дека универзалниот јазик на музиката.
- Музиката говори на јазик разбирлив за сите, и токму таа универзална порака е суштината на овој концерт. Заедно обединети на сцена, повеќе од 200 музичари од три држави уште еднаш ќе потврдат дека музиката руши бариери и обединува – рече Костов.
Концертот во Градскиот парк се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам, „Стопанска банка“, „Титан Усје“, „Schweppes“, „Ladna“, Амбасада на Р. Грција во Скопје и Град Скопје.
