Договорците од Детската клиника ги бараат платите
Техничари, медицински сестри и хигиеничари ангажирани со договор на дело на Клиниката за детски болести од јануари до сега не зеле плата. Протестираа пред Министерството за здравство. Да не им се дава лажна надеж, по средбата со нив порача министерот Алиу.

Околу 50-тина болничари, хигиеничари и административни работници, ангажирани со договор на дело на Детската клиника од јануари се без плата и без продолжени договори за работа. Бараат итно решение и предупредуваат дека недостигот од кадар може да го наруши функционирањето на клиниката.
„Работевме шест месеци без да добиеме одговор. Одговорот од Министерството за финансии ни пристигна дури во април, а ние за тие месеци чесно работевме и ѝ служевме на клиниката и на децата. Единствениот одговор што го добивме од министерството е дека нема средства“, изјави Седат Буши.
„Директорот очекува позитивен одговор од финансии за да можеме повторно да се вратиме на работа. Од декември се поднесени документите, за истите луѓе станува збор. Минатата недела бевме во финансии, каде што ни беше кажано дека постапката ќе започнеме од почеток“, изјави Сами Хуќи.
Министерот за здравство вели не треба да им се дава лажна надеж. Според него, одлуките за ангажирање на кадар мора да се темели на реални потреби и административни процедури.
„Ние треба да креираме политики базирани на потреби, поткрепени со административни процедури во овој случај тоа не е така. Ги молам сите директори да не им даваат лажна надеж на вработените јавните здравствени институции, тоа ќе мора да го направат тогаш кога сите административни процедури ќе бидат завршени како што налага законот“, изјави Азир Алиу – министер за здравство.
Од Детската клиника вели дека потреба од овие работници има и дека навреме ја доставиле потребните документација за продолжување на нивните договори на дело.
Андријана Ѓурческа
