Продолжува иселувањето на младите од Охридскиот регион
Трендот на иселување во Охридскиот регион продолжува. Сè повеќе млади заминуваат во потрага по подобри услови за живот, поголема сигурност и иднина надвор од државата. Меѓу клучните причини се издвојуваат и високите цени на становите и кириите...

Продолжува трендот на иселување од Охридскиот регион. Сезонскиот туризам, ниските примања, несигурните работни места и високите трошоци за живот остануваат меѓу главните причини за заминување.
Граѓанските активисти предупредуваат сè поголем број млади својата иднина ја гледаат надвор од земјава.
„Не стагнира и не се намалува, туку е во нагорен тренд. Денес причините не се само работата и квалитетот на живот, туку сè почесто младите се незадоволни и од здравствениот систем, бидејќи не чувствуваат дека добиваат соодветни услуги од државните здравствени установи, а приватното здравство е прескапо за многумина“, вели Вахид Мемет граѓански активист.
Младите денес сè почесто ја одложуваат одлуката за семејство, а наместо за брак и деца размислуваат како да обезбедат посигурна иднина. Дополнителен товар во Охрид се и високите цени на становите и кириите.
„Како младите луѓе и со овие плати, младите луѓе не можат да си дозволат да си купат станови. Му треба сигурни работни места и високи плати. И некако економската независност од родителите, односно зависност, продолжува можеби и до 35-та, 40-та година, што е исто така проблем“, додава Мемет.
Според активистите загрижува тоа што меѓу оние кои се иселуваат не се само социјално ранливите, туку и млади кои веќе имаат работа, стан и пристојни услови за живот.
Соња Рилковска
