Охрид: Пронајден богат нумизматичен материјал
Охрид бил еден од најважните монетарни центри на Балканот, а новите истражувања на Плаошник откриваат исклучително богат нумизматички материјал. Археологот Даница Размовска-Бачевска во нов научен труд ги открива деталите за монетното депо кое отвора нови сознанија за светската јавност …

Охрид бил главниот монетарен центар на Балканот. Од антички Лихнид, преку средниот век, па сè до османлискиот период, градот оставил длабока трага во монетарната историја. За богатиот и ексклузивен нумизматички материјал, пронајден на Плаошник, археологот Даница Размовска-Бачевска има напишано десеттина научни трудови, меѓу нив и најновиот посветен на едно од најзначајните средновековни монетни депоа.
„Се работи за 64 бронзени трахеи – чашкасти монети изработени по византиски пример. Од нив, 43 примероци му припаѓаат на Иван Асен II, бугарски владетел кој владеел од 1218 до 1241 година, а останатите 21 монета им припаѓаат на солунските владетели, вели Даница Размоска Бачевска археолог и нумизматичар.
Во близина на местото каде што е откриено депото археолозите пронашле и средновековна печка за топење метал, што е доказ дека постоела охридската ковница.
„Бидејќи се работи за печка од среден век која се совпаѓа со периодот на монетите од 13 век, ние претпоставуваме дека тука е ковницата на монетите на овој тип на монети на Асен втори. Се ковани во охридската ковница така да тоа е еден круцијален главен елемент да ова депо биде исчистено конзервирано и презентирано на светската јавност“, додава Бачевска.
Од антички Лихнид до средновековниот Охрид, приказната за монетоковањето продолжува да се испишува на Плаошник. Досега се откриени околу 20 илјади монети од различни историски периоди – од антички македонски и грчки, преку римски и византиски, до венецијански. Дел од нив се изложени, додека други сè уште чекаат да бидат презентирани.
Соња Рилковска
