Иванов: Во Грција сеуште се на власт гарнитури од времето на Студената војна

23.09.2014 10:30

Грција е создадена како држава со една религија, една нација, еден јазик. Македонија е создадена како држава, која ги почитува сите јазици, сите религии, сите етнички идентитети. Ако Грција не не признава, тоа е нејзин проблем, не наш, изјави претседателот Ѓорге Иванов, при предавањето на престижниот американски универзитет Јеил...

Разликата за името што ја има Грција во однос на уставното име на Македонија е комплицирана бидејки грчката страна упорно останува на барањето за име за севкупна употреба. Ова е последица на фактот што во Грција се уште на власт се гарнитури како во времето на Студената војна, коишто поддржуваат држава што врши асимилација.

Моделот на соживот во Македонија се темели на почитувањето на различноста на другите и тоа е разликата помеѓу нас и Грците, па оттука произлегува и неподготвеноста на грчката страна за заемно прифатливо решение, изјави претседателот Ѓорге Иванов одговарајќи на прашања по предавањето на престижниот американски универзитет Јеил.

„Грција е создадена како држава со една религија, една нација, еден јазик. Македонија е создадена како држава која ги почитува сите јазици, сите религии, сите етнички идентитети. И тоа е конфликт на прашање од сфера на идентитет. Затоа се многу тешки одговори на прашања од сферата на идентитет. Затоа што тоа е чувство што извира од Вас. Вие го имате идентитетот врз основа на другиот, и ако другиот не Ве признава тоа е проблем на другиот, не на Вас. Ние сме си Македонци којшто зборуваме македонски јазик и живееме во Република Македонија“, рече претседателот Иванов.

Познати американски правници произлегле токму од универзитетот Јеил. Наскоро на овој универзитет ќе дипломира и првата Македонка.

„За Јеил се одлучив бидејки ми дадоа целосна стипендија и бидејќи знаев дека катедрата за англиски јазик и за новинарство што мене ме интересирало од секогаш е многу добра“, изјави Александра Горгиевска- студент на универзитетот Јеил.

Вака студентките американки од Јеил го изненадија македонскиот претседател, со песни и ора на којшто се придружи и шефот на државата и првата дама.

Најпрво ни беше тешко да научиме. Ние сите пееме во хорот на словенска музика, но никогаш не сме пееле вакви песни. По некое време стана лесно и навистина уживаме да пееме и настапуваме на македонски“, изјави Ајана Вудс- студент на универзитетот Јеил.

На универзитетот Јеил студираат над 12 илјади студенти, коишто имаа можност да чујат и за Македонија. 

Приватниот универзитет Јеил е основан во далечната 1701-ва година.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ