Сиљановска-Давкова за МИА: Пријателство и добрососедство, не непријателство и вето
Пријателство и добрососедство, не непријателство и вето. Не треба да губиме време на решавање историски прашања, тие се исклучени од конститутивните акти на Европската унија, вели претседателката Сиљановска-Давкова во интервју за МИА...

Македонија треба да се концентрира на копенхашките критериуми, владеењето на правото и европските стандарди, наместо да губи време на историски прашања порача шефицата на државата Гордана Сиљановска Давкова. Во интервју за МИА таа посочи - процесот на проширување мора да се темели на вредностите на Европската унија и на правните критериуми за членство.
„Оставете нè да се европеизираме на патот, да станеме компатибилни со она што го бараат копенхашките критериуми. Како? Не губејќи го времето на решавање на историски прашања бидејќи тие се исклучени од идентитетските, од конститутивните акти на ЕУ, преку членот дека ќе се почитуваа националниот и културниот идентитет, и да се концентрираме на европеизацијата“, изјави Гордана Сиљановска Давкова.
Во однос на уставните измени кои се клучни за деблокирање на евроинтеграции Сиљановска Давкова оценува дека честите уставни интервенции, најчесто под влијание однадвор, го отвораат прашањето дали суверенитетот навистина извира од граѓаните или се претвора во простор под постојан меѓународен притисок.
Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија треба да биде соработка, поддршка и отворање на патот кон ЕУ, а не блокади и вето. Тоа би значело дебата кон основниот спор: дали европскиот пат на Македонија треба да се мери преку реформи или преку историски и идентитетски условувања смета шефицата на државата. По средбата со бугарската колешка Јотова, македонската претседателка изјави дека бугарската страна, освен уставните измени, бара и почитување на протоколите кои произлегуваат од работата на Мешовитата историска комисија.
Марина Стојанова -Тонева
