Почнаа нападите врз упориштата на ИДИЛ во Сирија

23.09.2014 10:41

Ветено сторено, Пентагон ги почна ноќеска нападите врз позициите на Исламската држава во Сирија. Бранови бегалци се упатуваат кон Турција, која ги затвори граничните премини. Бегалците се подготвени да се вооружат и да се вратат во битка против исламистите...

САД и земјите- партнери ги почнаа воздушните напади на дваесетина упоришта на џихадистите од Исламската држава во Сирија, во близина на границата меѓу Сирија и Ирак, соопшти Пентагон.

Портпаролот Џон Кирби најави подетални информации во текот на денот. Во акцијата, во која се вклучени бомбардерите и ракети брод- земја има и воени сили на Саудиска Арабија, Јордан и Обединетите Арапски Емирати.

Пред почетокот на нападите саудиската влада била известена за акцијата. Од почетокот на август САД извршиле повеќе од 190 воздушни напади врз цели на џихадистите, но само во Ирак. Во меѓувреме расте бројот на сириски бегалци на границата со Турција.

„Ние само сакаме да бидеме на сигурно и да избегаме од монструмите кои убиваат невини луѓе“, вели еден бегалец од Сирија.

„Ги продаваме животните за да купиме оружје и потоа ќе одиме да се бориме против Исламската Држава“, додава друг.

Турција е сериозно загрижена од бранот бегалци, кој достигна бројка од 130 илјади, и затоа повеќето од граничните премини се затворени. Полицијата се судри со Курдите кои се обидуваат илегално да влезат во Турција.

По вчерашното киднапирање на француски алпинист од Исламската држава,  францускиот  министер за надворешни работи Лоренс Фабиус ја потврди автентичноста на видеото.

„Заканите од оваа терористичка група се многу опасни. Во контакт сме со Алжирското мнистерство и ќе сториме се да го ослободиме нашиот сонародник. Ситуацијата е крајно критична“, изјави Фабиус.

Фабиус најави дека неговата земјата ќе продолжи со нападите против екстремистите. Франција ги бомбардира позициите на Исламистите во Ирак.

 

Марија Петковска