Неизвесен мировен договор

14.06.2026 12:38

Односите на релација САД-Иран, и натаму топло-ладно. Трамп најави договор со Иран, Техеран возврати - потпишување днеска нема да има...

Вашингтон соопшти дека денеска треба да биде потпишан договор за завршување на конфликтот на Блискиот Исток. Американскиот претседател Трамп изјави дека договорот со Иран ќе го отвори Ормускиот теснец веднаш и ќе стави крај на заканата од нуклеарно вооружување на Техеран. Тој предупреди на „крајна алтернатива“ доколку процесот пропадне, и нагласи дека нема да има размена на готовина. Според него, САД ќе ги преземат резервите на збогатен ураниум по смирување на тензиите.

„Иран нема да има нуклеарно оружје, ниту преку купување, ниту преку развој или било каква друга форма. Нема да се разменуваат пари. Во соодветно време ќе ја добиеме таканаречената „нуклеарна прашина“ и ќе ја уништиме. Се надеваме дека овој процес ќе се одвива брзо, лесно и непречено. Ако не се случи тоа, имаме крајна алтернатива“, објави Доналд Трамп, претседател на САД.

Сепак, потпишувањето останува неизвесно. Техеран ги отфрли тврдењата дека документот ќе биде потпишан во рок од 24 часа, оценувајќи дека роковите создаваат тензии. Иако остава можност тоа да се случи во следните денови, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Багеи изјави дека „не станува збор за финален договор, туку за меморандум“ и предупреди дека процесот останува нестабилен. Од друга страна, Иранската револуционерна гарда порача дека временската рамка е „тест за преговарачкиот тим“.

„Со оглед на јасните ставови на иранските претставници дека договорот не е финализиран, се чини дека преговарачите на нашата земја се свесни за овие скриени слоеви и нема да дозволат таков медиумски и церемонијален маневар. Од оваа перспектива, судбината на потпишувањето нема да биде само технички тест за содржината на разбирањето, туку и тест за чесноста и отпорот на иранските претставници на демонстративни притисоци“, објави Иранската револуционерна гарда.

Во меѓувреме, Катарските преговарачи се упатија кон Иран за да помогнат во финализирањето на договорот. Исламабад потврди дека се подготвува за електронско потпишување на документот.

„Пакистан се подготвува за електронско потпишување на мировниот договор, по што ќе следат разговори на техничко ниво следната недела. Уверени сме дека овој историски мировен договор ќе формира силна основа за траен мир“, објави Шехбаз Шариф, премиер на Пакистан.

Во истовреме, тврдокорни групи протестираат во Техеран обвинувајќи го министерот Арагчи за отстапки кон Вашингтон. Наспроти потенцијалниот договор меѓу Иран и САД, Израел ги интензивира нападите врз Хезболах во јужен Либан.

Паралелно, Државната телевизија објави дека погребната церемонија на убиениот врховен лидер Хамнеи ќе се одржи од 4-9 јули. Хамнеи беше долгогодишен лидер на Иран и беше убиен во американско-израелски напади на почетокот на годинава, по што го наследи неговиот син Моџтаба.

 

Бојана Крстевски