Сиљановска-Давкова за МИА: Националниот интерес е најважен
Националниот интерес е најважен. Да имавме по многу прашања консензус, поинаку ќе гледаа на нас, вели претседателката Сиљановска-Давкова во интервјуто за МИА. Според шефицата на државата, решението за уставните измени треба да доаѓа прво од дома. Во интервјуто посочува и дека решението за правосудството е во сериозни реформи...

Европската унија треба сериозно да ја преиспита методологијата на преговорите со земјите кандидати и да се откаже од пристапот „молчи и слушај“ вели претседателката Сиљановска Давкова во интервју за МИА. Според неа, земјите-кандидатки не смеат да бидат третирани како помлади партнери без право на сопствен став. Решенијата поврзани со клучните национални прашања мора да произлегуваат од внатрешен консензус. „Не треба да одиме надвор без да се договориме дома“-вели Сиљановска Давкова и додава - начинот на кој се однесуваат кон нас покажува дека ние сме ги охрабрувале дека уставните измени се главното решение.
„Се обидов, верувајте ми, се обидов со најдобра намера да воспоставам контакт со опозицијата, да објаснам дека ако сме едногласни дома, да не одиме, прво, надвор, без да се договориме дома. Второ, да научиме дека надвор не се кажува она што се кажува дома. Ние многу сакаме да раскажуваме пред другите и многу се восхитуваме од комплиментите. Дури и кога сме свесни дека не ни личат, мислиме дека е така. И тогаш правиме некои нешта што не се добри“, изјави претседателката Сиљановска Давкова.
Со санкционирање, важење на правдата и за оние на највисоки позиции и со преиспитување на потеклото на имот може да се надминат проблемите смета шефицата на државата. Мора да се провери кој со какво богатство стапил на функција, а со какво излегол и тоа не се однесува само на правосудството, вели Сиљановска Давкова. Според неа, филозофијата дека сè може да се купи - мора да се надмине.
„Секој кога ќе стапи не само на определена функција, на определена работа, лесно е да се провери со што влегол, како излегол и дали е тоа можно. Кога ќе видите профили што од својата работа апсолутно не би можеле да го заработат, да го стекнат богатството, сигурно дека тоа треба да се испита. А понатаму тие цврсто се држат за богатството бидејќи филозофијата им е дека со парите може сè да купат и некако добиваме впечаток дека правдата не ги стигнува сите“, додава претседателката Сиљановска Давкова.
Ако не решиме да раскрстиме со партизацијата и политизацијата тогаш само ќе се вртиме во круг-вели шефицата на државата. Сериозните реформи се единственото решение за ниската доверба во правосудството, категорична претседателката.
Марина Стојанова - Тонева
