ујп

Апликацијата „Мој ДДВ“ не функционира за голем број корисници

14.06.2026 17:43

Проблемот се појавува во последниот месец од кварталот, кога најинтензивно се скенираат сметките за поврат на данок за да се оствари целта, 2.100 денари поврат за три месеци преку скенирање фискални сметки.

Апликацијата „Мој ДДВ“ за скенирање на фискални сметки преку која граѓаните остваруваат поврат на дел од платениот данок не функционира за голем број корисници. При обид за најава, се појавува порака дека нема конекција со Управата за јавни приходи. Од Управата пак велат станува збор за технички проблем, не откриваат детали, ниту кога апликацијата повторно ќе профункционира.

„Ве информираме дека апликацијата „Мој ДДВ“ моментално функционира со повремени забавувања. Нашите тимови активно работат на утврдување на причините и на надминување на предизвиците, со цел што поскоро да се обезбеди нејзино непречено функционирање“, соопштуваат од УЈП.

Проблемот се појавува во последниот месец од кварталот, кога најинтензивно се скенираат сметките за поврат на данок за да се оствари целта, 2.100 денари поврат за три месеци преку скенирање фискални сметки.

И од опозициската СДСМ реагираа за блокадата на системот. Велат, ова е директна последица на празната државна каса.

„Ова е уште еден доказ за тоа како функционира оваа власт. Наместо да се грижи за граѓаните и да обезбеди нормално функционирање на институциите, Мицкоски и неговата банда ја доведоа државата до ситуација во која дури и основните услуги за враќање на пари на граѓаните се блокирани. Наместо реформи и одговорно управување со јавните финансии, добиваме нефункционални системи и празни ветувања. Граѓаните плаќаат ДДВ, но сега и тоа што им припаѓа назад – нема да го добијат“, стои во соопштението на СДСМ.

УЈП објави нова листа должници, 15 илјади физички и правни лица немаат подмирено данок, кон државата должат 13 милијарди денари.

 

Александра Спировска