Политички калкулации
Власта не размислува за предвремени избори. Но, ако бидат предизвикани од опозицијата, ќе има предвремено одмерување на политичките сили, изјави премиерот...

Власта не размислува за предвремени избори. Сака да го заокружи четиригодишниот мандат, а гласањето за нов парламентарен состав да се случи во редовниот термин, пролетта 2028 година. Но, ако бидат предизвикани од опозицијата, ќе има предвремено одмерување на политичките сили, изјави премиерот.
Опозицијата критикува дека државната каса е празна, па затоа власта сака да оди на избори, но од СДСМ се децидни дека нема да им бидат алиби.
„Кој Мицкоски е вистинскиот? Дали е оној кој сака да остане на власт до крајот на мандатот, или оној кој веќе се подготвува за избори затоа што нема пари во Буџетот и не може да ја одржува власта? Граѓаните веќе знаат дека не може да му веруваат. Еден ден Мицкоски вели едно, друг ден – сосема спротивно. Ова не е политичка стратегија, туку доказ за слабост, несигурност и за тоа дека власта се распаѓа одвнатре“, се вели во соопштението од СДСМ.
Според СДСМ оваа Влада освен лоши економски политики ја турка државата во изолација, на што Мицкоски, во пресрет на најавената посета на еврокомесарката Марта Кос, потсети на средбите со европските лидери што ги имал изминатите два месеци.
Следната недела почнуваат разговорите меѓу коалициските партнери за владината реконструкција. Извесно е дека ќе има ново персонално решение за ресорот за добро владеење по оставката на Арбен Фетаи. Од ВРЕДИ и од ЗНАМ очекуваат да ги задржат постојните ресори.
Анита Димитријевска – Велковска
