Договор за прекин на огнот

15.06.2026 09:03

САД и Иран постигнаа договор за траен прекин на огнот. Вашингтон најави деблокада на Ормускиот теснец. И Техеран потврди дека е договорено да се стави крај на војната...

По месеци закани и стравувања од поширок регионален конфликт, САД и Иран постигнаа договор за прекин на непријателствата кој треба да биде потпишан в петок во Швајцарија и веднаш потоа да стапи во сила – објави пакистанскиот премиер како посредник.

„По интензивните разговори, со задоволство објавуваме дека е ПОСТИГНАТ мировниот договор меѓу САД и Исламската Република Иран. Двете страни прогласија моментално и трајно прекинување на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан“, изјави објава на Шехбаз Шариф – премиер на Пакистан.

Вашингтон најави дека САД ќе ја укинат поморската блокада врз иранските пристаништа, а Ормускиот теснец повторно ќе биде отворен за меѓународен поморски сообраќај без дополнителни давачки за транзит. Според Трамп, договорот ќе придонесе за мир и безбедност во регионот и ќе овозможи непречен проток на нафта кон светските пазари.

„Договорот со Исламската Република Иран сега е завршен. Честитки до сите! Со ова целосно го одобрувам отворањето на Ормускиот теснец без наплата на такси и истовремено наредувам веднаш да се укине поморската блокада на САД. Бродови од целиот свет, подгответе се за пловидба. Нека потече нафтата!“-објава на Доналд Трамп -претседател на САД.

Договорот е потврден и од Техеран, но оттаму велат дека засега е усогласен само текстот на меморандумот за разбирање. Остануваат отворени прашањата околу нуклеарната програма. Според иранската страна, 60-дневните нуклеарни преговори ќе започнат само по ослободување на замрзнатите средства и отворање на процес за укинување на санкциите. Техеран инсистира на целосно укинување на санкциите и меѓународните ограничувања, додека американски претставници ги отфрлаат овие услови како дел од договорената рамка.

„Засега е финализиран само текстот на меморандумот за разбирање. Обврските ќе стапат во сила по формалното потпишување. Немаме доверба во другата страна, затоа спроведувањето е исклучително важно. Имаме планови за следење на обврските на САД и за следната фаза од преговорите која треба да води кон конечен договор. За нас клучно ќе биде целосното спроведување.“, изјави Казем Гарибабади – заменик-министер за надворешни работи на Иран.

Израел сè уште не го коментира договорот, додека светските лидери го поздравија дипломатскиот пробив. Во заедничка изјава, Велика Британија, Франција, Германија и Италија го поздравија договорот како можност за регионална стабилност и стабилизирање на глобалната економија, со порака дека се подготвени за укинување на санкциите доколку Иран преземе проверливи чекори во својата нуклеарна програма.

„Посебно ги цениме напорите на посредничките земји. Доколку овој меморандум се спроведе доследно, тоа ќе придонесе за намалување на ризиците за глобалната економија и стабилноста на енергетските текови“, изјави Минору Кихара -главен секретар на кабинетот на Јапонија.

Веста веќе се одрази на светските пазари – цените на нафтата бележат пад, а берзите растат поради очекувањата за намалување на тензиите. Аналитичарите сепак предупредуваат дека вистинскиот тест ќе биде неговата имплементација во наредните месеци.

Бојана Крстевски