Блиски Исток

Вашингтон и Техеран на чекор до мир

15.06.2026 12:05

САД и Иран постигнаа договор за прекин на непријателствата кој треба да биде потпишан в петок во Швајцарија и веднаш потоа да стапи во сила – објави пакистанскиот премиер како посредник.

По месеци закани и стравувања од поширок регионален конфликт, САД и Иран постигнаа договор за прекин на непријателствата кој треба да биде потпишан в петок во Швајцарија и веднаш потоа да стапи во сила – објави пакистанскиот премиер како посредник.

„По интензивните разговори, со задоволство објавуваме дека е постигнат мировниот договор меѓу САД и Иран. Двете страни прогласија моментално и трајно прекинување на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан“, Објава на Шехбаз Шариф – премиер на Пакистан.

Вашингтон најави дека САД ќе ја укинат поморската блокада врз иранските пристаништа, а Ормускиот теснец повторно ќе биде отворен за меѓународен сообраќај без дополнителни давачки. Според Трамп, договорот ќе придонесе за стабилност и непречен проток на нафта кон светските пазари.

„Договорот со Иран е завршен. Честитки до сите! Со ова го одобрувам отворањето на Ормускиот теснец без такси и укинување на поморската блокада на САД. Бродови од целиот свет, подгответе се за пловидба. Нека потече нафтата!“-Објава на Доналд Трамп -претседател на САД.

Договорот е потврден и од Техеран, но оттаму велат дека засега е усогласен само текстот на меморандумот за разбирање. Остануваат отворени прашања околу нуклеарната програма. Според иранската страна, преговорите ќе продолжат по ослободување на замрзнатите средства и отворање процес за укинување на санкциите, додека американската страна дел од условите ги отфрла.

„Засега е финализиран само текстот на меморандумот за разбирање. Обврските ќе стапат во сила по формалното потпишување. Немаме доверба во другата страна, затоа спроведувањето е исклучително важно. Ќе го следиме исполнувањето на обврските на САД и следната фаза од преговорите“, изјави Казем Гарибабади – заменик-министер за надворешни работи на Иран.

Израел сè уште не го коментира договорот, додека дел од светските лидери го поздравија дипломатскиот пробив. Велика Британија, Франција, Германија и Италија порачаа дека ова е чекор кон регионална стабилност и се подготвени за укинување на санкциите доколку Иран преземе проверливи чекори во својата нуклеарна програма.

„На сите им е потребно Ормускиот теснец да биде отворен и оваа војна да престане. Договорот е добредојден и се надеваме дека ќе трае“, изјави Каја Калас – висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.

„Оружјето сега мора да се смири, а нерешените разлики мора да се решат во согласност со меѓународното право“, објава Антонио Кошта – претседател на Европскиот совет.

„Доколку овој меморандум се спроведе доследно, тоа ќе придонесе за стабилност на енергетските текови и глобалната економија“, изјави Минору Кихара -главен секретар на кабинетот на Јапонија.

По објавата на договорот, цените на нафтата паѓаат, а берзите растат. Аналитичарите предупредуваат дека клучниот тест ќе биде неговата имплементација во наредните месеци.

Бојана Крстевски