Владиниот центар за одговор на сајбер инциденти MKD-GOV-CSIRT стана полноправна членка на FIRST
Приемот на MKD-GOV-CSIRT како нов полноправен член е официјално прифатен од Бордот на директори на FIRST, со што се потврдува напредокот на Македонија во областа на сајбер безбедноста и нејзината посветеност кон градење посилен, професионален и европски систем за сајбер отпорност.
Владиниот центар за одговор на сајбер инциденти MKD-GOV-CSIRT е примен како полноправна членка на FIRST – Forum of Incident Response and Security Teams, глобална меѓународна мрежа на тимови за одговор на компјутерски безбедносни инциденти, информираат од Министерството за дигитална трансформација.
Приемот на MKD-GOV-CSIRT како нов полноправен член е официјално прифатен од Бордот на директори на FIRST, со што се потврдува напредокот на Македонија во областа на сајбер безбедноста и нејзината посветеност кон градење посилен, професионален и европски систем за сајбер отпорност.
Овој успех е резултат на домашни човечки и инфраструктурни капацитети на Министерството за дигитална трансформација и Секторот за сајбер безбедност, со стручна и техничка поддршка од партнерите од Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
Членството во FIRST овозможува поголема меѓународна доверба, побрза размена на информации, пристап до експертиза и подобра координација при превенција, откривање и справување со сајбер закани и инциденти.
Со ова, Македонија реализира уште еден важен чекор од Реформската агенда, со рок до 30 јуни 2026 година, и создава услови за отклучување нови средства од Планот за раст.
Министерството за дигитална трансформација продолжува со инвестирање во капацитетите на службите за одговор на сајбер инциденти, во заштитата на владините институции и во испораката на безбедни дигитални услуги за граѓаните и компаниите, стои во соопштението.
