МВР

219 санкции во акциска контрола во Скопје, одземен мопед поради возење под дејство на алкохол

15.06.2026 16:14

Во засилена сообраќајна контрола спроведена во Скопје, полицијата изрече 219 санкции за различни прекршоци, најголем дел за возење мотоцикл без заштитна кацига. При контролата е евидентирано и кривично дело за безобѕирно управување со мопед, по што возилото било одземено.

На 14 јуни, во периодот од 16 до 24 часот, Одделението за безбедност на патниот сообраќај и Единицата за полициски станици од општа надлежност при СВР Скопје спроведоа засилена акциска контрола во сообраќајот на подрачјето на главниот град.

Во акцијата биле изречени вкупно 219 санкции. Од нив, 66 се однесуваат на управување мотоцикл без заштитна кацига, шест за возење со несоодветна категорија, 15 за управување велосипед со помошен мотор без положен возачки испит, една за нерегистриран мотоцикл и две за непочитување на даден знак за запирање.

Дополнително, изречени се 129 мерки за останати сообраќајни прекршоци, меѓу кои неносење возачка или сообраќајна дозвола, неистакната регистарска табличка, недавање првенство на минување на возила или пешаци и други прекршоци.

При контролата било констатирано и едно кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, откако кај возач на мопед било утврдено присуство на 1,93 промили алкохол во крвта. Против него ќе биде поднесена соодветна пријава согласно член 297-а од Кривичниот законик, а мопедот е одземен.