Во акциска контрола во Куманово и Тетово санкционирани 114 возачи, одземени шест мотоцикли и едно возило
Во акциска сообраќајна контрола спроведена во Куманово и Тетово, полицијата изрече 114 санкции за прекршоци и кривични дела, лиши од слобода седум лица и одзеде шест мотоцикли и едно патничко возило. Најголем дел од прекршоците се однесуваат на возење без заштитна кацига.
Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи на 13 јуни, во периодот од 17 до 23 часот, спроведе акциска контрола на подрачјата на Куманово и Тетово, насочена кон санкционирање на возачи на мопеди, мотоцикли, четирицикли и електрични тротинети кои не ги почитуваат сообраќајните правила.
Во Куманово биле изречени 43 мерки за сообраќајни прекршоци и кривични дела. Најголем дел од нив, односно 28, се однесуваат на управување мотоцикл без кацига. Евидентирани се и прекршоци за возење со несоодветна категорија, истечена сообраќајна дозвола, неважечка полиса за осигурување и неистакната регистарска таблица.
При контролата биле откриени и четири кривични дела, од кои две ги сториле малолетници. Вкупно четири лица биле лишени од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, а одземени се три мотоцикли и едно патничко моторно возило.
Во Тетово биле изречени 71 мерка, од кои 40 за возење мотоцикл без заштитен шлем. Санкционирани биле и возачи на електрични тротинети, како и лица кои управувале возила со неуредна документација или без регистарски таблици.
Полицијата открила и три кривични дела, при што три лица биле лишени од слобода за „безобѕирно управување со моторно возило“, а одземени се уште три мотоцикли.
Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период и апелираат до граѓаните доследно да ги почитуваат сообраќајните правила со цел зголемување на безбедноста на патиштата.
