Сали: Европската интеграција е гаранција за стабилен и безбеден Западен Балкан
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали на отворањето на Skopje Security Forum 2026 порача дека стабилноста на Западен Балкан се гради преку силни институции, владеење на правото и регионална соработка. Тој нагласи дека европската интеграција останува клучна стратешка цел за земјата и важен фактор за безбедност и просперитет.

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на отворањето на Skopje Security Forum 2026, посветен на безбедносниот идентитет на Западен Балкан и предизвиците со кои се соочува регионот.
Форумот, насловен „Architects of Stability: The Security Identity of the Western Balkans“, е организиран од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Универзитетот во Тетово.
Во своето обраќање, Сали истакна дека безбедноста и стабилноста не се даденост, туку резултат на континуирани вложувања во демократските институции, владеењето на правото, економскиот развој и регионалната соработка.
Тој нагласи дека европската интеграција останува стратешка определба на Република Северна Македонија и една од најсилните гаранции за долгорочна стабилност, безбедност и просперитет.
„Стабилен и безбеден Западен Балкан директно придонесува за посилна и пообединета Европа. Денешните предизвици – од хибридни закани и дезинформации до енергетска безбедност и технолошка трансформација – бараат заеднички одговори и подлабока регионална соработка“, истакна Сали.
Во рамки на форумот се дискутираше за геополитичките предизвици во регионот, влијанието на големите сили, хибридните закани, институционалната отпорност и улогата на Западен Балкан во европската безбедносна архитектура.
Сали им се заблагодари на организаторите и учесниците, оценувајќи дека дијалогот, партнерството и размената на експертиза се клучни за создавање побезбедна и постабилна иднина за регионот.
