ЕУ ги отвора преговорите со Украина
Состојбата во Персискиот залив и војната во Украина, во фокусот на самитот на Г7 во францускиот град Евиан. Самитот се одржува во момент кога ЕУ ги отвора пристапните преговори со Украина, која останува една од клучните теми по ноќните руски напади врз Киев и Харков...

Состојбата во Персискиот залив и војната во Украина, во фокусот на самитот на Г7 во францускиот град Евиан. Самитот се одржува во момент кога ЕУ ги отвора пристапните преговори со Украина, која останува една од клучните теми по ноќните руски напади врз Киев и Харков.
„Ќе го имаме првиот голем чекор за Украина и Молдавија откако ќе добијат статус на кандидат во 2023 година. Значи, конечно, ќе можеме да отвориме кластер за двете земји. Зошто? Бидејќи тие го исполнија тоа. Навистина беше време да го направиме ова и ако тие го исполнат, треба да го исполниме и ние. Затоа очекувам дека ќе ги отвориме сите преостанати пет кластери тогаш во јули и ова е добра вест“, изјави Марта Кос, комесарка за проширување на ЕУ.
Калас, која претседава со Советот за надворешни работи во Луксембург, оцени дека синоќешните руски воздушни напади врз Украина, во кои беше погоден манастир што се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО, претставуваат воено злосторство. Во нападот има жртви и повредени.
„Синоќа повторно видовме зголемени напади врз цивили, исто така место на светското наследство на УНЕСКО. Значи, ова се сите воени злосторства што ги извршува Русија. Секако, денес доаѓаме и со повеќе или помалку работи, повеќе санкции на кои работевме врз воено-индустрискиот комплекс на Русија, но и врз флотата во сенка. Исто така, ја поздравувам веста за пресретнувањето на флотата во сенка од страна на Велика Британија“, изјави Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.
Во меѓувреме, Зеленски и Путин одделно, телефонски разговараа со американскиот претседател Трамп за можни дипломатски решенија.
„Имавме многу добар и детален разговор со американскиот претседател Трамп за војната, дипломатските можности и поддршката за Украина. Се договоривме да продолжиме со разговорите на претстојниот самит на Г7“, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
„Трамп ја нагласи потребата од прекин на непријателствата во Украина и изрази подготвеност да влијае врз европските партнери и Киев во таа насока. Неодамнешните напади врз цивилни цели ја отежнуваат ситуацијата“, изјави Јуриј Ушаков, советник за надворешни работи на Кремљ.
Катерина Бојаџиева
