Македонија

На МРТ се враќа Детското драмско студио

15.06.2026 17:44

И по повеќе од 40 години, репликите не се забораваат. Тогаш генерации деца растеа поистоветувајќи се со ликовите од детската серија „Втората смена“, главните игри беа на улица – ластик, хулахоп, криенка, џамлии, плочка. Денес децата растат во виртуелен свет. Македонската радио-телевизија го враќа Детското драмско студио за да ги поттикне младите повторно да го живеат детството со игра...

И по повеќе од 40 години, репликите не се забораваат. Тогаш генерации деца растеа поистоветувајќи се со ликовите од детската серија „Втората смена“. Но, времето пред телевизиските екрани беше ограничено. Главните игри беа на улица – ластик, хулахоп, криенка, џамлии, плочка. Денес децата растат во виртуелен свет. Улицата ја заменија со паметни телефони, лепчето го јадат пред тв екраните.

Македонската радио-телевизија го враќа Детското драмско студио за да ги поттикне младите повторно да го живеат детството со игра, еден до друг. Ќе се отворат вратите за талентираните и ќе им се даде шанса да покажат што умеат, а во исто време да научат да зборуваат на литературен македонски јазик.

„Ако го загубиме јазикот, сме се загубиле себеси“ вели Софија Гогова Врчаковска, поранешен уредник на Детското драмско студио. За неа, враќањето на Детското драмско студио произлегува од потребата да се негува македонскиот литературен јазик, музиката во него, логичноста и техниката на говорење, играта пред микрофон.

Гогова-Врчаковска верува дека радио-драмата во Македонската радио-телевизија ќе се врати во полна сјај, а ќе продолжи и снимањето на серии кои некогаш биле еден од главните белези на јавниот сервис.

Александра Спировска