Приведени 17 возачи за безобѕирно возење, меѓу нив и малолетници без возачка дозвола
Во изминатите 24 часа полицијата лишила од слобода 17 возачи поради безобѕирно управување со возило. Од нив, 14 управувале без возачка дозвола, вклучително и пет малолетници, додека тројца возеле под дејство на алкохол.

Полициските службеници во текот на изминатото деноноќие на територијата на целата држава лишиле од слобода 17 возачи поради безобѕирно управување со моторно возило.
Според МВР, 14 лица биле затекнати како управуваат возило без возачка дозвола, од кои пет се малолетници. Најмногу случаи се регистрирани во Скопје, каде биле приведени шест лица, меѓу кои двајца малолетници, како и во Тетово каде биле затекнати четири лица, од кои тројца малолетници. По едно лице без возачка дозвола биле откриени во Куманово, Велес, Охрид и Прилеп.
Дополнително, тројца возачи биле лишени од слобода поради управување возило под дејство на алкохол во Куманово, Македонска Каменица и Скопје. Во главниот град, еден од возачите претходно предизвикал сообраќајна незгода со материјална штета, откако со возило „форд“ удрил во паркирано возило.
По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Од МВР апелираат граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возила без дозвола или под дејство на алкохол.
