Договор меѓу САД и Иран, неизвесност околу следните чекори
По месеци закани и воени тензии, Вашингтон и Техеран постигнаа договор што треба да стави крај на непријателствата и да овозможи нормализирање на поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец. Клучен тест за договорот ќе биде неговата имплементација и продолжувањето на разговорите за нуклеарната програма.

По месеци закани и стравувања од поширок регионален конфликт, САД и Иран постигнаа договор за прекин на непријателствата кој треба да биде потпишан в петок во Женева и веднаш потоа да стапи во сила. Пакистан, како посредник, ќе биде домаќин на церемонијата за потпишување.
„Сонцето на мирот изгреа, а по три месеци и 16 дена ужасна војна, со Божја благодат, Иран и Америка се согласија и објавија дека е прогласен целосен и траен крај на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан“, изјави Шехбаз Шариф, премиер на Пакистан.
САД ќе ја укинат поморската блокада врз иранските пристаништа, а Ормускиот теснец повторно ќе биде отворен и бесплатен за меѓународен сообраќај – соопшти Трамп. Додава дека договорот ќе придонесе за стабилност и непречен проток на нафта кон светските пазари.
„Нашето очекување е дека теснецот ќе биде отворен без патарина на долг рок, и тоа е нешто што ќе го решиме во овие технички преговори. Има многу важни детали кои мора да се утврдат. Мора да се седне на маса и да се разговара. Овие прашања ќе бидат предмет на претстојните дискусии“, изјави Џејмс Давид Венс, потпретседател на САД.
САД и Иран изнесоа спротивставени тврдења за следните чекори по потпишувањето во петок. Договорот е потврден и од Техеран, но оттаму велат дека засега е усогласен само текстот на меморандумот за разбирање. Остануваат отворени прашања околу нуклеарната програма, а преговорите велат-ќе почнат по ослободување на замрзнатите средства и отворање процес за целосно укинување на санкциите, што Вашингтон го отфрла.
„Засега е финализиран само текстот на меморандумот за разбирање. Обврските ќе стапат во сила по формалното потпишување. Немаме доверба во другата страна, затоа спроведувањето е исклучително важно. Ќе го следиме исполнувањето на обврските на САД и следната фаза од преговорите“, рече Казем Гарибабади, заменик-министер за надворешни работи на Иран.
Светските лидери и меѓународната заедница со различни реакции на договорот. Израел се спротивставува на повлекувањето на своите сили од Либан, додека Велика Британија, Франција, Германија и Италија порачаа дека се подготвени за укинување на санкциите доколку Иран преземе проверливи чекори во својата нуклеарна програма.
„Од витално значење е сите страни да ја искористат оваа можност за стабилност во регионот и враќање на слободата на пловидба низ Ормускиот теснец. Ќе работиме со партнерите за овој договор да се претвори во траен мир“, нагласи Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.
„На сите им е потребно Ормускиот теснец да биде отворен и оваа војна да престане. Договорот е добредојден и се надеваме дека ќе трае“, изјави Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешни работи.
По објавата на веста, цените на нафтата паѓаат, а берзите растат. Аналитичарите предупредуваат дека клучниот тест ќе биде неговата имплементација во наредните месеци.
Бојана Крстевски
