Андоновски: Македонија го добива првиот центар за вештачка интелигенција „Везилка“
Македонија следната недела ќе го промовира првиот национален центар за вештачка интелигенција „Везилка“, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Проектот, вреден 6,5 милиони евра, има цел да развие македонски јазичен модел и да обезбеди поголема застапеност на македонскиот јазик, култура и идентитет во современите дигитални технологии.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека Македонија го добива првиот центар за вештачка интелигенција „Везилка“, кој ќе биде промовиран идната недела.
Според Андоновски, центарот ќе има клучна улога во развојот на македонски јазичен модел и во создавањето национална дигитална база на податоци, со цел македонскиот јазик и културно наследство да бидат соодветно застапени во современите технологии.
Проектот предвидува дигитализација на македонскиот јазичен корпус и развој на голем јазичен модел што ќе може да го користат институциите, академската заедница, компаниите и граѓаните. Носител на проектот е ФИНКИ, кој веќе воспоставил соработка со повеќе институции, меѓу кои Собранието, МАНУ, Националната и универзитетска библиотека и Институтот за македонски јазик.
Андоновски посочи дека граѓаните ќе можат да придонесат со сопствени научни и стручни трудови за збогатување на дигиталниот јазичен корпус, а до крајот на годинава или почетокот на следната се очекува Македонија да добие функционален јазичен модел достапен како „open-source“ решение.
Тој најави и подготовка на закон за вештачка интелигенција кој ќе постави етички стандарди и правила за примена на новите технологии, без да го ограничува нивниот развој. Проектот „Везилка“ е вреден 6,5 милиони евра, од кои дел се државни средства, а најголем дел се обезбедени со поддршка од Европската Унија.
